Иако постои само една недела, групата на Фејсбук „Бесплатно сместување Македонија“ веќе успеа да одбезбеди одмор за 37 семејства кои имаат деца со посебни потреби. Формирана по урнек на балканската група „Изнајмувачи со срце“, која ги спојува хуманите изнајмувачи на апартмани на Јадранот и фамилиите на децата со посебни потреби, македонската група полека се движи кон 2000 поддржувачи.
„Први се јавија Охриѓани, што е и нормално, ако се земе во предвид дека е во тек летната сезона. Нашата идеја е оваа акција да трае цела година. Веќе имаме лица и хотели кои понудија сместување и во Дојран, Берово, Струга“, велат за Радио МОФ модераторите на групата.
Начинот на функционирање е едноставен. На едно место се пријавуваат оние кои решиле одреден период бесплатно да ги отстапат своите апартмани, и оние кои имаат потреба, а немаат финансии за летен одмор.
„Приоритет имаат децата со посебни потреби, кои никогаш не биле никаде на одмор. Нашата идеја за понатаму е да бидат вклучени повеќе и самохраните родители и социјално загрозени семејства. Сепак за сега први на листата ни се дечињата“, појаснуваат модераторите.
Групата ја водат тројца активисти. Професорката по француски јазик Јасна Милкиќ веќе има искуство со вакви вмрежувања бидејќи ја основаше и беше администратор на групата за помош на поплавените семејства во Скопје,сега преименувана во „Хуманитарна помош-граѓанска иницијатива”. Христина Јосимовска пак е родител на дете со посебни потреби-церебрална парализа и претседател на „Хуманитарното здружение на граѓани и лица со хендикеп”-Илинден Скопје. Во екипа со нив е и Петре Димитров, уредник на порталот emagazin.mk. Тие контактираат со издавачите на бесплатното сместување и ја прават приоритетната листа. Сите ова го прават од хумани цели, за како што велат, да ја подигнат свеста и да помогнат на што повеќе луѓе.
„Како и на Балканот така и во Македонија различни категории на граѓани неможат да си дозволат летување, зимување или викенд. Кога видовме дека одзивот на „Изнајмувачи со срце“ е голем, а имајќи ја и во предвид моќта на социјалните мрежи, за која во неколку наврати изминативме години се уверивме, решивме да формираме слична група и кај нас“, појаснуваат.
Велат дека веќе се пријавиле и неколку превозници кои ќе го обезбедат превозот за летувалците, а ги покануваат да се вклучат и угостителите и рестораните за да се обезбеди храна, па одморот да биде комплетен.
„Ги поттикнуваме сите добри луѓе што имаат можност и средства да ја поддржат ова хумана акција и да дадат свој придонес. Има многу дечиња кои што чекаат со радост да отидат на одмор“, апелираат од групата.
Јавно им се заблагодаруваат на оние кои без размислување ги отворија своите домови за децата по посебни потреби. Меѓу нив и Вила Лидија-Охрид, Сион Апартмани-Охрид, Апартмани Џими-Охрид, Вила Вишни-Охрид, СараГа Апартмани-Охрид, Хотел Коцарев-Охрид, Хотел Македонија-Макоил-Дојран, Куќа Амика-Берово, Hello Travel-Охрид, Веселинка Георгиевска од Струга…
„Предизвици секако има, а веќе и регистриравме и одредени злоупотреби, што дополнително ни ја отежнува работата. Но, злоупотреби очекуваме и сме подготвени да направиме се што е во наша можност, на одмор или викенд да ги пратиме тие што треба“, децидни се активистите од Бесплатно сместување-Македонија.