Бесплатни менструални производи за девојчињата во скопските средни училишта

На синоќешната седница на Град Скопје на која се гласаше Буџетот за 2022 година, советниците го изгласаа и амандманот со кој се предвидуваат средства кои ќе бидат наменети за бесплатни менструални производи за девојчињата во средните училишта.

За оваа мерка Градот ќе издвои буџет од 2.000.000 денари. Предлагач беше советничката Теодора Крстевска.

„Амандманите не изискуваа огромни финансиски импликации и беа исклучиво во служба на граѓаните. Колку и да ме разочарува фактот што мнозинството советници се водат исклучиво по партиска идологија, сепак се радувам што успеав да се изборам и да обезбедам средства во висина од 2.000.000 денари кои ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни хигиенски менструални производи за девојчињата во средните училишта во годишните јавни набавки за хигиенски производи и со тоа ќе се ублажи проблемот со менструалната сиромаштија“, напиша Крстевска на својот Фејсбук профил.

Таа уверува дека од јануари наредната година, менструацијата нема да претставува пречка во извршувањето на секојдневните училишни обврски за ученичките во средните училишта на територија на Град Скопје.