Бесплатни автобуси, револтирани генерации

Бесплатни автобуси, револтирани генерацииВаквите расправии станаа честа појава во скопските автобуси. Откако пензионерите добија бесплатен автобуски превоз, излегоа на виделина револтот и потиснатите емоции, и кај нив и кај младите. Едните револтирани од односот на новата генерација, другите пак гневни на системот кој се чини многу повеќе вложува во возрасните, наместо во идните носители на општествените промени. За да биде состојбата уште поалармантна, ако некогаш тепачките по автобуси беа „резервирани“ за младите бунтовници, сега тие се сведоци на се почести пресметки меѓу самите пензионерите, и тоа не само вербални .

Високиот праг на толеранцијата, која отсекогаш бил одлика на македонските граѓани, полека се намалува, вели социологот Татјана Стојановска Иванова.

Најстрашно е во вторник и во петок, тогаш гужвите се најстрашни. Генерацискиот јаз станува се подлабок, размислувањата спротивставени. Пензионерите се задоволни што владата вложува во нив, од бесплатното бањско лекување, посетите на музеи и театарски претстави, па се до автобускиот превоз. Младите пак имаат чувство дека се маргинализирани, посебно студентите.

Дека има реален проблем, потврдува и професорката Стојановска Иванова. Посебно во вторник и петок кога студентите доаѓаат на предавања, веќе уморни од гужвата, споделените рецепти и прекорувања од возрасните.

И додека пензионерите веруваат дека сториле доволно во својот живот и сега треба да уживаат во него, па макар и со користење на бесплатниот автобус, револтот кај младите станува посилен. Вчера беше објавен нов повик со кој 10 000 пензионери добиваат бањско-климатска рекреација. Ја плаќа државата. За бесплатниот превоз на возрасни лица во вторник и петок, од буџетот на Град Скопје беа одвоени 25 милиони денари. Дополнителни 10 милиони беа дадени и за слободниот превоз во сабота. Истовремено, студентските стипендии редовно доцнат, над 50% од младите се невработени, а студентите сами си плаќаат и за автобускиот превоз, независно од тоа кој ден се возат со ЈСП.

Јасмина Јакимова