Бесплатна телефонска линија за пријавување повреди на човековите права

Проектот на УСАИД за заштита на човековите права пушти во употреба бесплатна телефонска линија за пријавување на повреди на основните човекови слободи и права. Со користење на телефонската линија секој граѓанин ќе може брзо и без дополнителни трошоци да пријави повреда на права како што се правото на живот, заштита од нечовечко постапување, еднаквост, слобода, слобода на изразување, сопственост како и на сите останати права.

-Лицата кои ќе пријават повреда ќе добијат бесплатно советување за правните постапки на заштита од страна на тим на адвокати, а во определени случаи Проектот ќе може да поддржи и поведувње на соодветни судски и управни постапки. Дополнително, пријавените повреди ќе бидат забележани во годишен извештај за заштитата на човековите права во Република Македонија кој ќе биде изработен кон крајот на годината, информираат од Македонското здружение на млади правници кое го спроведува проектот.

Бројот на бесплатната телефонска линија е 0800 77 800. Линијата ќе биде активна секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот и ќе може да се повикува од корисниците на фиксната телефонија. Од Здружението најавуваат дека пријави за сторени повреди на човековите права ќе примат и преку е-маил, телефон како и лично, во нивните простории.

Цел на проектот е да придонесе за унапредување на заштитата и промоцијата на човековите права и демократските вредности во Р. Македонија преку правна едукација и зајакнување на правни професионалци како и граѓански организации.