Бесплатна СОС мобилна линија за жените жртви на семејно насилство

Националниот совет за родова рамноправност (НСРР),  отвори национална  СОС бесплатна мобилна линија за жени жртви на семејно насилство на броевите 070 141 700; 075 141 700 и 077 141 700. СОС линијата ја сочинуваат три бесплатни линии за жртви од семејно насилство од цела територија на државата и функционира 24 часа/ 365 дена во годината.

СОС линијата е стандардизиран сервис кој на жртвите им овозможува помош во состојба кога насилството е акутно, поддршка за справување, надминување и излегување од состојбата жртва, придружување и поврзување со институциите надлежни за решавање на проблемот со семејното насилство (центри за социјални работи, полиција, задравствени установи и др.)

Од Националниот совет за родова рамноправност информираат дека нивната организацијата располага со долгогодишно искуство во директна работа со жртвите, екипирани и искусни тимови на операторки, обезбедено бесплатно јавување на оние кои имаат потреба од помош, а кои се во интерес на жените жртви и надминување на проблемот со семејното насилство.