Бесплатна правна помош за граѓаните од поплавените подрачја

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ќе обезбеди бесплатна правна помош на граѓаните од поплавените подрачја во Општина Гази Баба.

Средбите ќе се одржат денеска, во среда и во петок, во месните заедници на Стајковци (10:00 – 13:00) и на Ченто (13:00 – 14:00).

Правната помош вклучува информации и совети за постапката за надомест на штета согласно Законот за заштита и спасување на лицата од засегнатите подрачја. Сите заинтересирани лица од настраданите подрачја во Општина Гази Баба можат да се обратат до месните заедници во дефинираните термини.

Тимот на млади правници одлучи да се вклучи и да даде придонес кон побрзо и поефективно справување со штетите од поплавата од правен аспект, со ангажман на околу 25 млади правници кои ќе работат доброволно и дополнително на своите работни активности.

„Бројот од повеќе од 3000 засегнати домаќинства претставува предизвик со кој правниците на МЗМП прифатија да се соочат и да дадат поддршка на лицата кои се соочуваат со сериозните последици од поплавите“, велат од Здружението.