Бесплатна музејска тура со приказни за Скопје

Во недела, на 18 октомври, ќе се одржи еднодневна организирана бесплатна тура по музеите и по галериите во Скопје, насловена како „Мапа на културата“.

Станува збор за неколкучасовна обиколка на најинтересните културно-историски локации со содржини наменети за љубителите на уметноста од целата држава.

Проектот, кој се одржува по вторпат, подразбира бесплатна посета на Музејот на македонската борба, Спомен-куќата на Мајка Тереза, како и историскиот дел на Скопје, попознат како Старата скопска чаршија, со објектите Куршумли Ан, Чифте Амам, Капан Ан, Даут Пашин Амам, кои се вклучија во проектот, a чии кустоси ќе ги водат посетителите низ постојните музејски поставки.

Сите заинтересирани ќе може да се пријавуваат до 15 октомври на „Facebook“ профилот на „Еуролинк осигурување“ (www.facebook/eurolinkmk) со испраќање на име и презиме, возраст и телефон за контакт.

Предвидени се две ротирачки групи што стартуваат од 10.00 часот, едната од плоштадот Филип Македонски, а другата од 11.00 часот од Старата железничка станица.

Гостин-водич е Данило Коцевски, познатиот хроничар на Скопје, кој ќе се вклучи во турата на плоштадот Македонија со интересни приказни за градот некогаш и сега.

Целта на „Мапа на културата“ е подигнување на свеста кај пошироката јавност за сопственото археолошко и културно-историско наследство.