Бесплатната iOS апликација наречена Serial Reader, изработена од Мајкл Шмит, ги дели долгите книги на парчиња кои се читаат за 20 минути и ги праќа на мобилниот телефон на корисникот еднаш дневно, во време по негов избор.
Идејата на Шмит за оваа апликација е претпоставката дека читањето на книга од 500 или 600 страници, особено ако се работи за проза од 19-тиот век која има многу поразличен јазик, одзема многу време.
Во нашиот зафатен современ свет, да се чита долга класика се чини речиси невозможно. Ако имате 20 слободни минути во денот додека патувате од работа до дома, веројатно ќе ја отворите Facebook апликацијата или некоја релаксирачка игра, пишува Mashable.
Читајќи по 20 минути на ден со апликацијата Serial Reader, би ја прочитале „Франкенштајн“ на Мери Шели за 28 дена или „Злосторство и казна“ на Достоевски за 79 дена.
Нема ограничување за тоа колку „серијали“ можете да читате истовремено. Во читањето има и аспект на игра, бидејќи води евиденција колку корисникот чита секој ден, па може да го подобри својот учинок за тоа колку прочитал во еден ден, недела или откако ја користи апликацијата.
Доколку корисникот „се навлече“ на книгата, може да преземе копија на Kindle, iBooks или други апликации за читање.
Бидејќи апликацијата е бесплатна, на неа има само дела за кои не треба да се платат авторските права. Сепак, има доста познати дела од Ф. Скот Фицџералд, Х. Г. Велс и сите книги за Шерлок Холмс.