„Бесплатен Н.П. Пелистер“: Во паркот се сече ендемскиот вид молика

Без никакво образложение се сече ендемски вид дрво молика во Национален парк Пелистер. Ако барем малку сте загрижени #споделете, алармираше групата „Бесплатен Н.П. Пелистер“ преку својата Фејсбук страна, каде објави и фотографија.

Од „Бесплатен Н.П. Пелистер“ претпоставуваат дека сечата на молики не се случува премногу често во паркот бидејќи, како што велат, досега имаат добиено уште една фотографија пред неколку месеци – со трактор како се пренесуваат дрва.

„Локацијата на последната слика е околу 200 метри над хотел ’Молика’ по земјениот пат. Се уште немаме сознанија за други дрва да се исечени освен прикажаните на сликата, но поради загриженоста и поради претходниот пат, сметаме дека граѓаните имаат право да бидат информирани. Управата на Национален Парк Пелистер е должна да излезе со официјален став околу сечата на дрва“, велат за Радио МОФ  од „Бесплатен Н.П. Пелистер“.

Инаку, иницијативата „Бесплатен Н.П. Пелистер“ произлезе од идејата за слободен влез за граѓаните во Пелистер. Сметаат дека Националниот парк претставува природно богатство кое е општествено добро, па никој нема право да го присвојува. Освен укинувањето на одлуката за наплаќање влез во Пелистер, бараат изградба на колекторски систем и прочистителна станица заради превенција од еколошка катастрофа.