Бесплатен јавен превоз во Париз поради зголеменото аерозагадување

Жителите на Париз ќе можат да го користат јавниот превоз бесплатно поради зголеменото загадување на воздухот, а некои автомобили се забранети да сообраќаат на патиштата.

Градот страда од досега најголемото и најдолгото зимско загадување во последните десет години, соопшти агенцијата Ерпариф, која го мери нивото на загаденост.

Воведен е и системот „пар-непар“,но досега повеќе од 1 700 возачи биле казнети за прекршување на оваа мерка во вторникот, со 35 евра за секој што се нашол зад волан.

Градоначалничката Ана Хидалго рече дека сликите кои го прикажуваат главниот град покриен од смогот се доволен доказ за потребата да се намали користењето на возилата во центарот на градот.

Загадувањето на воздухот кулминираше откако се споија емисиите што ги испуштаат возилата и домаќинствата кои се грејат на дрва, како и отсуството на ветрови, што значи дека загадувачите не се распрснати, вели агенцијата.

„Ова е рекордно загаден период во последните 10 години”, изјави Карин Леже, исто така од Ерпариф.

Aгенцијата забележа дека подолго од една недела, концентрациите на канцерогените ПМ честички се повеќе од 80 микрограми на кубен метар, што всушност го вклучи предупредувачкиот аларм.

Покрај автомобилите со непарен број на регистрација, и на хибридните и електричните возила, како и на оние кои пренесуваат тројца или повеќе луѓе, ќе им биде дозволено да возат по улиците. Но, ова нема да важи за странските возила и на Итната помош.

Префектот Мишел Кадо, рече дека забраната ќе продолжи да важи уште еден ден ако е потребно.

„Се додека метеоролошката ситуација останува иста и емисиите остануваат исти, ние нема да го видиме крајот на зголеменото загадување”, рече тој.

Слични мерки за намалување на сообраќајот воведоа и кинеските власти во Пекинг за да се спротивстават на „црвената фаза“ на аерозагадувањето. Училиштата се затворени, а дел од индустриските капацитети се суспендирани.