Бесиан Мехмети, архитектот на ОУ „Киро Глигоров“ е говорник на ENGAGE 2020

Бесиан Мехмети е основач на архитектонското студио БМА во 2012 година, како плод на неколку годинишна соработка и freelance искуствa во областа на архитектура, урбанизам и дизајн. Откако дипломирал на Архитектонскиот Факултет во Скопје, тој е ангажиран во бројни проекти и наградени конкурсни решенија, во и надвор од земјата, меѓу кои и проектот за Плоштад Скендербег во Скопје, Театарот и библиотеката во Тетово, и проект за новото основно училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец, Скопје.

Има учествувано на неколку изложби, вклучувајќи го Венециското биенале во 2012 година и самостојна изложба во New York во 2019 година. Добитник е на Голема Годишна Награда за архитектура за 2019 година. Повикан е како гостин предавач во симпозиуми, формални и неформални средби за архитектура и дизајн.

Покрај праксата, со години е активен и како асистен на Архитектонскиот Факултет во Скопје, Одделот за Архитектура при Универзитет во Тетово и Факултетот за Архитектура и Дизајн на УАКС. Како претходица на архитектонската пракса, Бесиан бил одговорен за голем број графички проекти во Eggra, дизајн агенција која ја основаше со Ngadhnjim Mehmeti, создавајќи меѓународна репутација со публикации во Graphis, Communication Arts и Logolounge, меѓу другите.

Тој е дел од говорниците на ENGAGE 2020 што ќе се одржи на 22-ри февруари со почеток во 12:00 часот во МКЦ, Скопје. Тој ќе зборува на темата „Училишта од иднината: Нови можности за подобро образование“.

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи домашни и странски активисти-говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.

За да ја проследите конференцијата, може да се регистрирате тука.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.