Берни Сандерс ја искористи можноста од виралното меме за да собере пари за добротворни цели

Сенаторот Берни Сандерс го претвори виралното меме од неговата фотографија на инаугурацијата на новиот претседател на САД, во добротворна можност. Во средата, тој беше фотографиран како седи на стол, со ракавици и хируршка сина маска. Фотографијата потоа стана вирална, а луѓето го монтираа Берни на секакви локации, од Њујорк до сцени од популарни филмови, пишува „Инсајдер“.

Еден студент од универзитетот во Њујорк дури и создаде веб-страница за луѓето да можат да ја монтираат фотографијата на Сандерс било каде во светот.

На неговата веб-страница сега се продава блузон со неговата фотографија од инаугурацијата кој може да се купи за 45 долари. Откако првично се распродаде, блузонот повторно беше достапен во петокот попладне, каде тој повторно можеше да се нарача.

Истовремено, на веб-страницата стои информација дека поради огромната побарувачка, блузоните до купувачите може да пристигнат за три до шест недели.

Според описот на производот, 100 отсто од приходите од купените блузони ќе бидат наменети за добротворната организација „Оброци на тркала“ од Вермонт.

Сандерс го бранеше својот стил на облекување, за време на гостувањето во една емисија на телевизијата „Ен-Би-Си“.

„Само седев таму и се обидував да се загреам, обидувајќи се да обрнам внимание на тоа што се случува“, рече Сандерс.