Берлин ги забрани најавените протести против мерките за коронавирусот

Градот Берлин забрани неколку протести насочени против мерките во борбата против ширењето на коронавирусот планирани за викендов, пренесува српски „Н1“.

„Може да се очекува дека во кругот на учесниците на протестот ќе дојде до повреда на актуелните правила во борбата против ширењето на заразата“, стои во образложението на Канцеларијата за јавни собири која работи во рамките на внатрешнополитичкиот одбор на Сенатот на Берлин.

Во образложението понатаму се наведува дека за време на слични вакви протести на почетокот на месецот, имало намерно масивно прекршување на мерките во борбата против ширењето на вирусот.

Сенаторот за внатрешни работи на Берлин Андреас Гисел најави „решителна интервенција“ на полицијата во случај на непочитување на забраната.

„Не сум подготвен по втор пат да дозволам Берлин да стане сцена за оние кои го негираат коронавирусот, десните екстремисти и таканаречните ‘граѓани на Рајхот’“, рече Гисел.

Протестите против мерките за борба против коронавирусот од самиот почеток собраа голем број на членови на десничарски екстремистички групи, вклучително и на таканаречените „граѓани на Рајхот“ кои не го признаваат постоењето на Сојузна Република Германија, туку на Германија во рамки на предвоените граници.

Неколку организатори на протестот, кои вклучуваат иницијативи од целата држава, најавија тужба против забраната.

Забраната беше критикувана и од десничарската популистичка партија „Алтернатива за Германија“ (АФД).

„Ова е обид на државниот апарат за создавање на диктаторски услови“, рече пратеникот од АФД Готфрид Курио.

АФД повика на протест во сабота против „забраната за протестот“, а претседателот на партијата Јерг Меутен побара оставка од сентаротор за внатрешни работи на Берлин.