„Заѕиданиот хотел“ (The Walled Off Hotel), зграда со 10 соби, е новата сопственост на познатиот уличен уметник Бенкси. Хотелот добива директна сончева светлина само 25 минути во денот.
Се наоѓа веднаш спроти ѕидот кој го дели Израел од палестинската територија, во Витлеем. Освен хотел, служи и како музеј, галерија и протест – а е декориран со уметничките дела на неговиот сопственик.
Иако собите се уредени со скап и луксузен мебел, хотелот е најлош на светот бидејќи сите негови соби гледаат во цементниот ѕид.
„Ѕидовите се популарни сега, но јас бев преокупиран со нив многу пред Доналд Трамп да го направи тоа интересно“, вели Бенкси во изјава. Уметникот, кој сѐ уште добро ја штити својата анонимност, прв пат дошол во Витлеем пред една деценија, оставајќи серија слики на границата, правејќи ја туристичка дестинација поради тоа.
Оттогаш, економијата базирана на заработка од аџиите и туристите беше уништена од зголемената израелска контрола меѓу израелската и палестинската територија, па новиот хотел се очекува да предизвика добредојден раст во работните места и бројот на посетители.
Инаку, хотелот е поранечна грнчарска работилница, има дистописка колонијална тема и сака да потсети за улогата на Британија во историјата на регионот. Поради тоа, во него има соба за чај и „клуб на џентлмени“ каде самосвирачко пијано емитува морничава музика.
Репутацијата на Бенкси, пишува Guardian, се очекува да направи резервацијата во хотелот да биде престиж. За гостите ќе биде отворен на 20 март, а ќе може да се резервира преку неговата веб страница. Бенкси се надева дека Израелците, кои ретко ја гледаат бариерата одблизу и не ги посетуваат палестинските градови, ќе бидат меѓу гостите, дури и ако тоа значи дека ќе го прекршат законот и ќе преминат на другата страна.
На Израелците им е забрането да го посетат Витлеем и познатите туристички локации.