Бендот „Визија“ ќе настапи на „Гитаријада“ во Зајечар

Од приближно 200 пријавени бендови од целиот Балкан, стручното жири составено од Бранимир Локнер, Драгиша Радуловиќ и Ѓорѓе Давид ги избраа 12-те најквалитетни бендови, кои ќе настапат на 47-та „Гитаријада“ во Заечар, која ќе се одржи во периодот од 1 – 3 август 2013. Меѓу нив, единствен бенд од Македонија е бендот Визија, кој ќе се бори за големото признание на овој најпознат рок фестивал на Балканот.

“Како и претходните години и оваа беше тешко од толку квалитетни изведувачи да се изберат дванаесет кои ќе имаат прилика да настапат во завршницата на „Гитаријада“, но сепак мислам дека јас и колегите направивме добар избор” – изјави Драгиша Радуловиќ, член на жирито.

„Визија“ ќе настапи на „Гитаријада“ во Зајечар

Гитаријадата во Заечар е најстариот рок фестивал во Европа, со долга традиција од 47 години. Голем број на легендарни бендови од регионот токму на овој фестивал се здобиле со афирмација, а покрај нив на сцената на овој фестивал се качиле и познати светски изведувачи како: STEVE LUKATHER, LAIBACH, URIAH HEEP, WISHBONE ASH, KEN HENSLEY & LIVE FIRE, Stan Web’s & CHICKEN SHAKE, NIGHTWING, GIRLSCHOOL итн.

Бендовите кои ќе настапат на 47-то издание на „Гитаријада“ се:

1. Regulator (Врњачка Бања, СРБ)
2. Scarlet Dust (Ниш, СРБ)
3.  ВИЗИЈА (СКОПЈЕ, MAKЕДОНИЈА)
4. MARIENFELD (Белград, СРБ)
5. Helm (Прибој, СРБ)
6. Rolin Humes (Ријека, ХРВ)
7. Uzemljenje (Белград, СРБ)
8. Ućuti pas (Лазаревац, СРБ)
9. OBSCURED (Нови сад, СРБ)
10. Mud factory (Врање, СРБ)
11. Dolia (Сараево, БиХ)
12. Huti Ota Tre (Заечар, СРБ)

Бендот Визија опстојува на македонската рок сцена од ноември 2011 година. Членови на бендот се: Марко Џамбазоски (Соло гитара/ придружни вокали), Марко Гапо (Вокал / Ритам гитара), Лилјана Јанкова (Бас гитара/ Придружни вокали), Синиша Ѓорѓевиќ (тапани).Инспирацијата се црпи од рок музиката, проследено со експериментирање на различни стилови што резултира со формирање на свој сопствен стил. Во една и пол година постоење бендот бележи настапи на повеќе фестивали, концерти и манифестации, меѓу кои може да се издвојат настапот на Т’к – так фестивалот во Кавадарци, каде што бендот беше награден, престижниот скопски фестивал – Таксират, Складиште Фест во Србија итн. Визија, покрај активните подготовките за настапите кои следуваат на повеќе фестивали низ Македонија и на Балканот, подготвува и нов материјал кој ќе биде дел од планираниот албум.