Белоруското опозициско движење ја доби овогодишната награда „Сахаров“

Демократската опозиција во Белорусија е добитник на овогодишната награда „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент (ЕП), пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Опозицијата која е претставувана од Координативниот совет, беше заеднички предлог на претставниците на Европската народна партија, социјалистите и демократите и либералите.

Претседателот на ЕП Дејвид Сасоли го објави името на победникот оваа година и рече дека насилството никогаш нема да надвладее над вистината.

„Продолжете да бидете силни и да ја водите својата битка, а ние ќе ве поддржиме“, рече Сасоли.

Наградата треба да биде доделена на 16 декември за време на пленарната седница на Европскиот парламент.

„Сахаров“ е годишна награда што ја доделува Европскиот парламент од 1988 година, во чест на поединци или организации кои своите животи ги посветиле на одбраната на човековите права и основните слободи.

Наградата го носи името по рускиот научник и дисидент Андреј Сахаров, а први добитници на оваа награда беа Нелсон Мандела и Анатолиј Марченко.