Белградските студенти за Радио МОФ: Упадот во Ректоратот е само предупредување!

Голем студентски протест за овој четврток (23 мај) најавуваат белградските студенти, кои минатата недела упаднаа во зградата на Ректоратот и една ноќ презедоа контрола врз неа.

Белградските студенти за Радио МОФ: Упадот во Ректоратот е само предупредување!

Дел од студентите од Филозофскиот факултет во Белград за Радио МОФ велат дека акцијата  во која тие упаднаа во зградата на Ректоратот е само предупредување.

Според Реља Пекиќ, студент на факултетот, атмосферата е загреана, а иако блокадата на Ректоратот траеше само една ноќ, се повеќе луѓе сакаат да учествуваат во нивното движење.

„Ова беше протест на предупредување. Студентите бараат стопирање на зголемувањето на школарините, како и да не се намалат испитните рокови во текот на годината. Ова се некои краткорочни цели, но групата која со години ги организира студентските блокади не се откажува од борбата за бесплатно образование и сака да го зголеми своето движење, бидејќи смета дека квалитетот на образованието ги засега сите“, вели Пекиќ.

Тој додава дека иако професорите во моментот молчат, студентите веќе имаат голема поддршка од медиумите.

„Успех за движењето би било да се појават повеќе луѓе отколку на седми ноември, кога на улица излегоа околу 700 студенти“, вели Пекиќ.

Белградските студенти за Радио МОФ: Упадот во Ректоратот е само предупредување!

Вук Вуколиќ, студент на Филозофскиот факултет во Белград, вели дека со најавените реформи, ќе се намали бројот на испитните рокови, што предизвикува голем револт кај студентите.

„Многу луѓе ќе се најдат во ситуација во еден испитен рок да мораат да даваат два испити, што е многу тешко кога ќе се земе  предвид дека Болоња воопшто не е имплементирана како што треба и не е прилагоден бројот на страници за студентите, така да полагањето е неизводливо. Група студенти овде од нашиот факултет се организираше и ја блокираше работата на Ректоратот. Дојде и полиција, но поради автономијата на универзитетот не се вмеша во целата ситуација“, вели Вуколиќ за Радио МОФ.

Izjava na student od filozofski fakultet – Belgrad by Radio Mof Music on Mixcloud

Белградските студенти пред зградата на Ректоратот во четврток ќе протестираат против зголемувањето на школарините, комерцијализацијата на образованието и нападите врз студентскиот стандард. Студентите ќе се упатат и до Министерството за образование, каде ќе достават барање за воведување на бесплатно високо образование.

Кристина Озимец