„Белези од природата“ – изложба во Природонаучниот музеј

Во Природонаучниот музеј на 16 октомври (среда) ќе биде отворена изложбата на накит „Белези на природата“ на авторите Елена и Матеј Тоновски.

Домаќинот на изложбата, „My precious“ потенцира дека се работи за оригинална применета уметност, создадена преку истражување и опсервација на природата.

„Неверојатната комбинација на боите, формите, изблиците на животинскиот свет на инсектите на тлото на Македонија, дизајнирана понекогаш за беспрекорна камуфлажа со цел да се опстане во таа опасна дивина, понекогаш, само како изблик на совршеноста на природата, беше голема инспирација и силен предизвик, за веќе потврдената дизајнерка и мајстор на старите занаети за изработка на накит, ЕленаПоповска, како и за уметникот кој се пројавува со својот несомнен и редок талент, Матеј Поповски, од што произлегоа 41 вредни, ориганални, единствени, уметнички и со посебни традиционални вештини изработени парчиња накит“, се вели во најавата за изложбата.

Паралелно со главната уметничка вредност, организаторот вели дека авторите испраќаат и благородна порака, потсетувајќи дека е неминовно и значајно да се вратиме кон природата.

„Воедно, двоецот Поповски ја отвара нашата свести, ја буди нашата совест за значењето на екологијата, толку потребно за мигот во кој се наоѓа нашата планета Земја. Преку овие 41 изблици на восхит, кои се дел од македонските природни богатства, авторите, повторно ги откриваат автентичните видови инсекти, употребувајќи ја реинтерпретацијата на нивните форма и боја, како средство за авторски пристап и сопствено преобликување на нивната единственост. Восхитувачка е прецизноста на потегот, движењето на раката при создавањето на обликот, милиметарските резови и засеци, деликатните детали на боите, кои се беспрекорно изработени на овие автентичн иформи, кои се чини, секој момент ќе затреперат со крилјата и ќе полетаат. И сето тоа во форма на накит, кој може да биде дел од нашето секојдневие, применливо, оригинално парче креација, кое разубавува, но, воедно, силно го испушта крикот за спас на природата. Секое од нив како да извикува: ‘Внимавајте, сите ние сме дел од природата’!“, се вели меѓу другото во најавата за изложбата.

На изложбата свое обраќање ќе има Дритон Сулејмани- директор на Природонаучниот музеј, а модератор е Билјана Жеревска. Во светот на пеперутките присутните ќе ги воведе Диме Меловски од Македонско Еколошко Друштво.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура.