„Бела Чао“ и Жизела Жоао вечерва на ОФФест

На репертоарот на ОФФест вечерва во Македонскиот народен театар настапуваат Бела Чао и Жизела Жоао од Португалија.

Италијанската група „Бела Чао“ ќе изведе дел од циклусот револуционери песни од 1960-тите. Аранжманот е на хармоникашот Рикардо Теси, еден од најбрилијантните протагонисти на традиционалната музика во Италија. Во составот, покрај Теси, се и гитаристот Маурицио Гери, перкусионистот Џиџи Бјолкати, како и солистите Лучија Галеаци, Луиза Котифољи, Елена Леда и Алесио Лега.

По нив, следува концертот на Жизела Жоао, една од најважните интерпретатори на фадото денес. Жоао го објави деби албумот во 2013 година, а нејзиното последно издание „Nua“ беше во 2016-та.

Утре фестивалот се префрла во Младинскиот културен центар, каде што во Денсинг салата ќе настапи виолинистката и пејачка од Естонија, Марја Нут, а по неа е настапот на корејската група „Блек Стринг“ која негува спој на традиционална и современа музика со типични корејски инструменти, како геомунго и бамбусови флејти.

Саботната вечер ќе заврши со полноќен концерт во клубот „Станица 26“ на познатото диџејско дуо „Ден Сорте Сколе“ од Данска.

ОФФест започна синоќа, со соло-настап на Дамир Имамовиќ од Босна, најпознатиот изведувач на севдах кој е и интернационално афирмиран, а по него македонскиот етносостав „Љубојна“ го промовираше новиот, деветти албум „Радио Љубојна“.