Бектеши ја измамил Владата дека концесиите за Иловица-Штука треба да се спојат, тврдат владини министри и бараат ревизија

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави текст во кој пишува како изгледала владината седница на која се одлучувало за иднината на богатиот земјоделски Југоисточен регион. Прашањето за концесиите за Иловица-Штука дошло како дополнителна точка на дневниот ред, а неа ја предложил министерот за економија Крешник Бектеши. Министрите немале никакви прашања и сите гласале „за“, затоа што Министерството за економија на владина седница презентирало документ којшто тврди дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите.

Според истражувачкиот медиум, седницата ја водел првиот човек на Владата, премиерот Димитар Ковачевски, заедно со неговиот прв заменик, Артан Груби. Присутни биле скоро сите министри. Точката за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“ не била на дневниот ред. Доаѓа како дополнителен предлог од министерот за економија Крешник Бектеши. Никој од министрите не гласал против.

„Министрите не беа запознаени со суштината на предметот“, вели министерката за животна средина Каја Шукова за ИРЛ.

„Не знаевме дека одлуката на Управниот суд не бара од владата спојување на концесии”, потврдува и министерот Оливер Спасовски кој како и повеќето негови колеги немал причина да се сомнева во документ на министерството кој што го презентирал Бектеши. Негов личен став е да нема рудник доколку локалното население тоа не го сака.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека министрите за време на седницата немаат време да ги разгледаат сите материјали за точки кои се додадени на дневниот ред на самата седница. „Во такви случаи се потпираме на образложението кое го добиваме од ресорното министерство“, појаснува таа за ИРЛ, сметајќи дека Владата на следната седница треба да ја преиспита одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс ресоурцес“.

„Граѓаните таму не сакаат рудник и тоа треба да се почитува, волјата на граѓаните мора да е земена во предвид и затоа е потребна ревизија”, дополнува таа.

Инаку, денеска во Струмица имаше протест што го организираа еколошките здруженија „Здрава Котлина“ од Струмица и Еко Долина од „Ново Село“, a поддршка добија од многубројни граѓани, активисти, иницијативи и организации од цела Македонија. Со протестот порачаа дека ќе се борат до крај за да ја зачуваат струмичката котлина и природата за следните поколенија.

Имаат четири основни барања. Итно и неодложно одземање на споената концесија за рудникот Иловица-Штука. Потоа, разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд, но и одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во процесот на спојување на концесиите. Исто така, државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица.