Бегалците кои му помогнаа на Сноуден бараат азил во Канада

Бегалците кои му помогнаа на Едвард Сноуден за време на неговиот престој во Хонг Конг, сега бараат азил во Канада. Адвокатите на трите фамилии поднесоа барања во нивно име.

Бегалските фамилии му обезбедувале храна и дом на Сноуден две недели, откако тој ја напушти Америка по објавувањето на илјадниците доверливи документи.

Но, тие и денес живеат во сиромаштија во Хонг Конг и не можат да работат откако му помогнале на Сноуден да избега во јули, во 2013 година.

Нивните адвокати велат дека станува збор за „живот или смрт“ ако останат во градот.

Сноуден, кој сега живее во Русија, „твитна“ дека се надева оти Канада ќе го удостои нивното барање.

Двајца од бегалците, државјани на Шри Ланка, изјавија дека нелегално се следени од полицијата од нивната земја.

Тие се плашат дека присилно ќе бидат вратени во Шри Ланка и дека ќе трпат насилство и тортура.

Но, полицијата на Шри Ланка ги негираше овие обвинувања.

Бегалците, исто така, велат дека властите во Хонг Конг ги испрашувале за нивната поврзаност со Сноуден.

Ванеса Родел, која доаѓа од Филипините и е една од бегалците кои бараат азил во Канада, изјави: „Се надевам дека ќе стигнеме до Канада и ќе започнеме нов безбеден и слободен живот“.

Повеќе јавни личности, вклучително и актерот Џозеф Гордон-Левит, кој го игра Сноуден во истоимениот филм, се обидуваат да ја кренат јавната свест за ситуацијата со бегалците.

Сега на ред се канадските власти да одговорат на нивното барање.