„Баталете политика, останавме неписмени“ – младите со пораки до МОН за Меѓународниот ден на образованието

Инвестиција во научно-истражувачка работа и инструменти, кратење на матурата и воведување приемен испит за факултет, како и деполитизација на образованието, беа дел од бројните одговори кои ги добивме од младите на нашата Инстаграм анкета по повод 24 јануари, Меѓународниот ден на образованието.

Одбележувањето на овој ден помина речиси незабележително, но според анкетата на Радио МОФ, во старо-новите желби за промени во образовниот систем и годинава преовладува потребата од поттикнување на креативноста на младите и практичната настава, наместо обемен материјал за учење напамет.

Во продолжение, прочитајте дел од пораките/желбите на младите упатени кон Министерството за образование и наука:

„Повеќе изборни предмети и секции“.

„Да се направи систем каде нема да имаме потреба после училиште да поминуваме шест часа учејќи и пишувајќи домашни“.

„Конечно да ги слушне гласовите на учениците, бидејќи МОН е овде токму за таа цел“.

„Повеќе практична настава, обновување на учебниците. Влез на новитети, излез на непотребен материјал“.

„Образование за климатски промени“.

„Не значи ако учиме онлајн дека имаме повеќе време за учење“.

„Подобри услови во образовните институции (особено мислам на хигиената)“.

„Воведување на сексуално образование“.

„Вработување на солиден и соодветен кадар“.

„Реформи во пределот на корупцијата и привилегии за одредени ученици/студенти“.

„Баталете политика, останавме неписмени“.

„Нека се промени концептот на учење факти без врска во средно. Не сакаме да бидеме бубалици!“.

„Нека посветат време на финансирање за опрема на факултетите за да не’ задржат“.

„Ни требаат нови предмети за да учиме за вистински проблеми во животот, ментално здравје и многу други“.