Барокните факултети го разбудија СПУКМ: Новите објекти на УКИМ ќе решат стари проблеми

Студентските парламенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФК) остро реагираат на како што велат, изјавите и несолидарниот однос од страна на членови на неформални студентски организации, кои се противат на одлуката за изградба на нови објекти.

СПУКМ смета дека со оваа одлука конечно и трајно ќе се реши проблемот којшто го имаат овие две високообразовни институции, а со тоа и проблемите на студентите кои во нив посетуваат настава.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува соопштението на Студентските парламенти.

„Колку за илустрација, посочуваме дека Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство којшто е расадник на една од најдобро квалификуваната и најбарана работна сила во Македонија, нема сопствени, па ги користиме просториите на соседните факултети, договарајќи и преговарајќи за слободни термини.

Додека пак, на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за жал, во моментов студираме во дотраени пост земјотресни бараки. Сега кога конечно, како студенти на двата факултети треба да добиеме сопствени објекти и постојните субстандардни услови да се заменат со нормални услови за развој и совладување на наставно – научните програми, цели и практики, останува енигма и несфатливо е како една благородна идеја, која треба да реши еден многу голем проблем за дел од академската заедница, не наидува на поддршка од дел од младите луѓе, студенти, наши колеги, кои веќе имаат сосема пристојни услови за студирање?

Зарем не сакате да нé видите во исти амфитеатри и предавални во какви што и самите посетувате настава? Сакате ли да се замениме со просториите барем на еден ден? Барем на еден ден да ги замените вашите топли амфитеатри со нашите ладни импровизирани предавални, или да учите под отворено небо? Зарем младинското и студентско организирање не треба да служи за надминување на вистинските предизвици со кои се соочува младиот човек во Република Македонија, нели треба да служи за надминување на нашите предизвици, како најзасегнати студенти во целата оваа ситуација?

Во таа насока, апелираме во следниот период – навредите кон целокупното студентско движење и неоснованите критики да бидат заменети со максимална поддршка од сите студенти, од сите наши колеги од другите факултети и заедно да бидеме коректор, доколку работите запнат пред одреден предизвик. Затоа што, сепак за нас новите објекти значат многу! Значат чувство на достоинство и вистински академски граѓани!“, се вели во соопштението.

Претходно, младинската организација „Мугра“ и Студентски пленум реагираат на најавата на Министерството за образование и наука за изградба на две нови факултетски згради при кампусот на УКИМ во барок стил. Тие сметаат дека оваа одлука е избрзана и претставува упад во автономијата на универзитетот, но и навреда за студентите.