Барокизираната Сити галери достигна цена над 1,8 милиони евра

Цената на новиот „барокен“ изглед на Сити галери во центарот на Скопје се искачи над 1,8 милиони евра, објави Призма.

Последниот договор на Град Скопје со изведувачот, градежното претпријатие Урбан инвест, е склучен на 14 декември 2016 година, во вредност од 279 илјади евра, во постапка на преговарање без објавен оглас за, како што се наведува „набавка на непредвидени работи“.

Урбан инвест е изведувачот на целиот проект на рефасадирање на Сити галери. Фирмата претходно потпиша договор со Град Скопје во висина од еден и пол милион евра за реконструкција на фасадата, како и договор за дислокација на мониторот на објектот. Идејниот проект за новата фасада на „Сити Галери“ ја изработија Лазар Димов и Никола Стакинов, кои стојат зад изгледот на голем број рефасадирани згради и други објекти од „Скопје 2014“.

Инаку, автор на Сити галери (некогашна модернистичка Стоковна куќа „НАМА“, изградена во 1960) е познатиот архитект Славко Брезовски. Тој изрично се изјасни дека е против промена на изворната фасада. За БИРН рече дека се сретнал скопскиот градоначалник Коце Трајановски и со еден негов помошник во 2013 година, кога му било дадено да потпише изјава, во која е наведено дека не се противи на промената на фасадата.

Брезоски одбил и со растреперена рака на листот хартија напишал: „Подметнато за потпис, не го потпишав“.

„Ме боли кога гледам како едно животно творештво на многу архитекти од мојата генерација исчезнува под пластеници стиропор“, рече Брезоски и дополни: „Со голема љубов и ентузијазам го кренавме Скопје после војната и после земјотресот за сега да гледаме како безмилосно се уништува“.