Бари ќе им плаќа 25 евра месечно на граѓаните кои ќе возат велосипед до работа

Италијанскиот град Бари ќе плаќа до 25 евра месечно на сите граѓани кои ќе го заменат автомобилот со велосипед за превоз до работа.

„Доколку вртите педали, нема само да заработите на здравјето!“, изјавил градоначалникот на Бари, Антонио Де Каро при потпишувањето на одлуката во градскиот совет.

Планот е градот да плаќа за секој поминат километар на велосипед, но не повеќе од 25 евра месечно. Транспортот од домот до работата има повисока цена – 20 евроценти за секој километар, а возењето по останати правци ќе се плаќа по 4 евроценти на секој поминат километар. Како што пренесува италијанскиот весник Република, секој велосипедист ќе биде опремен со посебен ГПС уред за да се следат поминатите километри секој месец, а за десетте граѓани кои до работа поминуваат најголемо растојание ќе следува бонус од 50 евра.

Бари е првиот италијански град каде ќе се применува ваков експеримент за префрлање на граѓаните од автомобилите на велосипеди. Проектот ќе трае четири месеци и за спроведувањето се предвидени 545 илјади евра од општинскиот буџет.

Целта не е само да се растерети сообраќајниот метеж во градот, туку да се подобрува здравјето на луѓето и животната средина. Очекувањата се дека по проектот ќе се удвои бројот на велосипедисти.

Како дополнување, властите подготвиле и субвенции за граѓаните кои немаат сопствен велосипед, а би сакале да си набават. За купување нов велосипед следува попуст од 150 евра, за електричен велосипед 250 евра и 100 евра за набавка на велосипед на старо.