Бaрџиева Трајковска: Проекти за Чаршијата треба да прават стручни институции, а не општината

Средствата во делот со реконструкција/реставрација на дуќаните и инфраструктурата во Старата скопска чаршија требаше да ги добие НУ Конзерваторски центар, а не општина Чаир. При доделување на грантови од овој вид мора да се води сметка на реалната институционална поставеност и кадровскиот потенцијал. Независно дали е дуќан, црва или некој археолошки локалитет, за да се изврши конзервација, реконструкција или санација за да се утврди што ќе се прави, најпрво се потребни истражувачки работи. Да се истражува објектот, да се користи целосна документација на располагање, архиви, фотографии, па врз основа на степенот на загрозеност на состојбата – се предвидува дали ќе биде само проект за санација, реконструција, или само конзервација. Тоа се дефинира по истажувачките работи. Таков вид на активности, во сегашните проекти – нема“, вели Донка Борџиева Трајковска од невладината „Центар за културно наследство“, откако се актуелизираа активностите во Старата скопска чаршија.

Барџиева Трајковска, која од 1978 година работи на заштита на културно наследство, за Радио МОФ вели дека единствените институции што се стручни во државата, во случајов Конзерваторскиот центар – Скопје, по логика на нештата, тие треба да ги изработуваат проектите.

Донка Барџиева Трајковска

„И тоа за секој објект поединечно, по процедура што е пропишана според Правилник за изработка на конзерваторски проект. Ако барате автентичен изглед, тоа морате да го направите врз база на истражување – на лице место. Има аспекти за туристичка промоција кои не се врзани со директна интервенција во самите објекти и Чаршијата, за тоа се надлежни институции. Тука е направена грешка. Во општината нема стручни лица, ниту пак постојат специјализирани фирми, или атељеа, коишто се за изработка на проекти за конзервација и реставрација. Таква е реалната состојба кај нас, а во други држави постојат“, нагласува Барџиева Трајковска.

Во однос на изјавите дека се добиени сите потребни документи и дозволи, таа изразува сомнеж и го споменува „Скопје 2014“, кога „се’ беше во законска процедура“.

„Тоа што некој дал согласност, фирма дала согласност, па Конзерваторски центар ги прима проектите, Управата за заштита на културно наследство издава одобрение, но, од она што и јас имав можност да го видам како проект, тоа нема врска со конзерваторска пракса пропишана со закон. Апсолутно. Отстапува од тие принципи. Искажувам јавно сомневање, барам да се дадат на увид“, вели таа.

Според Барџиева Трајковска, не е работата на градоначалник да зборува за тоа како би се реставрирале објектите. Односно, вели таа, не е важно ниту дали инвеститор е Министерство за економија, Светска банка, или општина Чаир.

„Надлежната институција за конзервација е таа што треба да ги преземе сите мерки, бидејќи станува збор за Чаршијата како заштитено културно добро, културна целина, и тоа од висока категорија. Не е само во прашање една општина, туку е на цела држава. Меѓу другото, ги интересира и тие од Пехчево и Делчево, како што не’ интересира и нас од Скопје“, вели таа.

Инаку, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу денес на прес-конференција истакна дека јавноста уште од декември е известена за проектот на „Самарџиска“ во Чаршијата.

Ганиу рече дека станува збор за „Промоција на туризмот во Стара скопска чаршија“. Овој проект, вели тој, меѓу другото, опфаќа и санирање на оштетениот камен – травертин, за што имале добиено дозвола од сите надлежни институции, меѓу кои и од Управата за заштита на културно наследство, вклучена со надзор со нејзини работници.

„Проектот е финансиран од Светска банка со грант во висина од 600.000 евра. Овој проект за санација и зачувување на автентичниот изглед на Чаршија, предвидува поставување на камен со ист материјал како и претходниот травертин, во површина од 1.800 метри квадратни, дозволен според извештајот на лабораториската анализа. Проектот опфаќа и реставрација на 75 дуќани, на кои во минатото беа извршени неадекватни интервенции од сопственици и е деградирано културното наследство“, рече Ганиу.

Според него, ги вратиле сите излози да бидат дрвени, сите исти во тој дел, бидејќи „некои и претходно ги унифицирале преку другиот проект со Министерство за економија“.

Од денешната прес-конференција, фото: принскрин од видео од МИА

Спомена и дека она што аплицирале како општина Чаир за излозите – го реализирале, а Центар доцнела во својот дел.

„Не дека и тие од Центар нема да бидат опфатени, туку имаме два паралелни проекти. Овој проект е во територија на Чаир. Тука освен промена на каменот, проектот опфаќа и цела подземна инфраструктурa, кабловски операторија, телефонија, струја, се’ ќе биде подземна… Имаме и ние друг проект со министерството за економија за промена на излозите, неколку пати сме ја информирале јавноста“, вели тој.

Од Владата денес соопштија дека во Чаршијата се запазени сите процедури за заштита на автентичноста, откако со време имало оштетувања од метеоролошки влијанија, моторен сообраќај и недоволен капацитет на каменот.

„За таа цел проектот предвидува санација на калдрмата во главната улица, во должина од 200 метри или вкупно 2240 метри квадратни“, се вели во соопштението од Владата.

Посочија дека во проектот е предвидено и реновирање на 39 дуќани,  а Конзерваторски Центар – Скопје изготвил конзерваторски услови посебно за секој дуќан и за калдрмата. Врз основа на тие услови, велат од Влада, изработен е Основен проект за конзервација и реставрација на излозите од Општина Чаир, за секој објект поединечно.

„На истите е извршена стручна контрола од надлежната установа НУ Конзерваторски центар – Скопје. Општина Чаир до Управата достави барање за добивање на Конзерваторско одобрение за конзервација и реставрација на излозите на дуќаните во Старата скопска чаршија, за секој објект поединечно. Врз основа утврдената фактичка состојба по увидот во доставената документација, основниот проект и извештајот за извршена стручна контрола, за исполнетоста на условите, согласно член 87 од Законот за заштита на културното наследство Управата издаде Конзерваторски одобренија за изведување на работите на непосредна заштита на излозите во Старата скопска чаршија“, се додава во соопштението.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, во октомври 2019 година рече дека за проектот за уредување и разубавување на скопската Чаршија ова министерство одвоило 9,7 милиони денари, а Чаир уште 2 милиони.

„Со партерното уредување и замена на камените плочници би требало да заврши до крајот на 2020“, информираше тогаш Бектеши.

Бојан Шашевски