Барбо: Поблиску до франкофонската публика со новите ИТ технологии

Стратегијата на Францускиот институт (ФИ) како најстара странска културна институција во Македонија е да прерасне во современ центар за изучување на францускиот јазик преку воведување на новите ИТ технологии, но и да се ангажира на поттикнување на соработката меѓу двете земји на културен и економски план преку развивање партнерства и заедничко делување. Целта е да покажеме дека францускиот јазик и култура не се нешто што му припаѓаат на минатото, туку дека нивното познавање може да биде предност и пат кон иднината, вели во интервју за МИА Изабел Марки Барбо, директорка на Францускиот институт.

„Приоритетот е да се изгради еден француски институт тука во Скопје, во Македонија, како референтен центар за францускиот јазик и култура. Едноставно, врв на една мрежа која ќе делува во Скопје, но и во другите градови Тетово, Битола, Прилеп, Струга… Стратегијата е сега да се предложат некoи новини во рамките на ФИ. Ние, пред се, сакаме да покажеме дека ова е центар каде што може да се изучува францускиот јазик со помош на нови технологии, со помош на т.н. интерактивни табли, со професори кои се добро обучени. Значи, тоа да биде еден современ центар за изучување на францускиот јазик“, вели Барбо.

Францускиот институт нуди ресурси за публика од тригодишна возраст па се до лица во одмината возраст. Покрај курсевите по француски јазик за различни степени и возрасти, Институтот располага со богата библиотека, медијатека, но вели, сакаат да привлечам млади луѓе од 18 до 35 годишна возраст со содржини атрактивни за таа публика. Според Барбо, филмовите се тие кои привлекуваат најмногу интерес кај публиката. За претстојниот Фестивал на францускиот филм кој ќе се одржи во месец јуни, не открива детали, но најавува дека ќе биде иновативен и ќе понуди интересна филмска програма од десетина филмови. Новина во склоп на фестивалот се работилници за најсовремена технологија која се користи во Франција во изработката на сликата, односно за специјалните ефекти.

– Ќе поканиме една до две француски компании да дојдат тука и да одржат средба со нивни колеги од областа на филмот во Македонија. Тоа треба да создаде услови за соработка на технички план со цел да им се даде прилика на сите оние млади коишто се тука и студираат на информатика да дојдат и да видат како тие мали компании имаат развиено свои програми кои овозможуваат подобро да се обработи сликата. Тоа е и суштината на новата стратегија на ФИ да покаже дека не работи на тоа само да се извезува француската култура, туку навистина да се истражат сите можности за соработка на културен, уметнички и на стопански план“, вели директорката на Францускиот институт, во интервјуто за МИА кое ќе биде објавено утре на нивниот сајт.