Barbie куклите осудувани поради нереалните пропорции добиваат нов облик

Barbie, иконичната кукла која е одамна осудувана поради невозможните телесни пропорции, од денес ќе изгледа пореалистично.

Компанијата Mattel денес во TIME Magazine објави дека Barbie отсега ќе може да се купи во три нови телесни облици: „ситна“, „висока“ и „со облини“.

Barbie може да се најде и vо три нови бои на кожата, со што ќе бидат застапени повеќе раси и етнички припадности.

„Преку воведување на поголем диверзитет во линијата, Barbie им нуди на девојчињата избор кој се рефлектира на светот денес. Новата колекција на Barbie Fashionistas вклучува четири облици на тело, седум бои на кожата, 18 бои на очите, 18 фризури, и безброј нови комбинации на модерна облека и модни додатоци“, пишува на веб страницата на Mattel.

И покрај новите модели, оригиналната Barbie сѐ уште останува во продажба. Минатата година Mattel заработиле една милијарда долари само од продажбата на оваа кукла.

Barbie куклата стана културолошки феномен и е често осудувана за погрешниот и нереалистичен приказ на женското тело. Се смета за синоним за „вештачка убавина“.

Barbie дебитираше на пазарот во 1959 година како девојка од Калифорнија која сака спорт и има приближно точни телесни пропорции. Сепак, низ годините куклата се претвори во идеализирана русокоса со минијатурна половина која секогаш носи потпетици, поради што е и честа академска теза на феминистичките студии, пишува Mashable.

Поради критикие, Mattel се трудеше да ја направи куклата пример за зајакнување на сликата на жените во општеството, со моделите „Можам да бидам претседателка“ во 2012 и научникот и бизнис жена Barbie.