„Бараме декриминализација на сексуалната работа“ – Црвените чадори го обоија сивото Скопје

Денес во Скопје се одржа јубилејниот петнаесетти марш на црвените чадори. По повод 17 декември – Меѓународниот ден за стоп на насилство врз сексуалните работници, црвените чадори од „Стар“ – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот заедно со ХОПС, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ со мирен марш прошетаа низ центарот на главниот град.

„Црвениот чадор ја симболизира заштитата од надворешните влијанија и заштитата на злоупотребите од страна на полиција и клиенти. Црвениот чадор е симбол на отпорот против насилство врз сексуалните работници и борбата на нашите човекови права. Оваа година одбележуваме важен јубилеј, 15 години марш на црвените чадори со слоганот 15 години колективен глас за насилство врз нас. Во изминативе 15 години како колектив со вас марширавме заедно против насилство, марширавме заедно за нашите работнички социјални и здравствени права, марширавме заедно за декриминализација на сексуалната работа“, кажа сексуална работничка во својот говор со кој им се обрати на присутните пред платото на Спомен куќата на Мајка Тереза.

Како што изјави таа, според нивниот регистар, заедницата во 2021 и 2022 година документирала 34 случаи за прекршување на нивните права од кои 20 се однесуваат на родово базирано или семејно насилство и три случаи на насилство од омраза.

„Бараме подобро и побезбедни услови за работа бараме признавање на трудот на сексуалните работници. Бараме декриминализација на сексуалната работа“, порача таа во името на колективот Стар.

Пред да започне рутата се обрати и Џулијан Курикул, сексуален работник кој доаѓа од Шведска. Тој порача дека барањата на црвените чадори се глобално движење за заедницата на сексуалните работници од целиот свет.

„Денес сум тука да марширам заедно со Стар и останатите сексуални работници и поддржувачи за да се бориме за декриминализација на сексуалната работа. Низ Европа имаме земји каде сексуалната работа не е легална и всушност ние сме глобално движење, работиме преку граница и целиме да ја декриминализираме сексуалната работа во целиот свет. Многу ми е мило што денес сум тука со Стар – Македонија, се гордеам со тоа што сум сексуален работник и едно големо ‘ура’ за човековите права, се надевам дека ќе успееме да го постигнеме ова“, рече Курикул.

Маршот продолжи кон улица „Македонија“ преку Камениот мост до Плоштадот „Филип II“. Мирниот марш единствено го наруши лаењето на кучињата скитници околу фонтаната Воин на коњ.

Ивана Смилевска 
Ангела Бошкоска 

Фото: Радио МОФ