Балканската популација на египетски мршојадци сведена на 48 парови – нова студија со можно решение против истребувањето

Најновата научна студија во која учествуваше Македонското еколошко друштво покажува дека зајакнувањето на популациите на мршојадците со млади птици кои се родени во заробеништво (реинтродукција) може да го одложи нивното истребување.

Иако ваквата процедура нема да биде доволна за одржување на популацијата таа ќе им обезбеди доволно време на еколозите да ги отстранат заканите кои ја уништуваат, посочуваат од МЕД.

Овие закани на Балканот се особено сериозни, велат тие, со оглед дека популацијата на египетски мршојадци во осумдесеттите броела над 600 парови, а сега е сведена на само 48 пара според податок од 2020 година.

Научната студија е објавена во научното списание Journal of Applied Ecology и таа укажува на фактот дека сѐ додека смртноста на мршојадците е во најголема мера предизвикана од човекот, реинтродукцијата дури и на 15 млади птици родени во заробеништво годишно не е доволна за одржување на Балканската популација на египетски мршојадци.

„Предвидувањето на идните трендови на популацијата на египетски мршојадци е тешко, но она што со сигурност го знаеме е дека доколку не ги намалиме заканите надежта за преживување на балканската популација се мали – дури и покрај фантастичната поддршка која можe да ја даде реинтродукцијата“, вели Ненад Петровски, координатор на проектите за зачувување на мршојадците во Македонија.

Египетските мршојадци мигрираат околу 5000 км секоја година помеѓу нивните гнездечки и презимувачки територии. Овие прелети се опасни и многу птици умираат од човечки закани, како криволов, непосредно труење, електрокуција и судири со електроснабдувачки инфраструктури, забележуваат од МЕД.

Истражувањата се дел од напорите за спасување на египетскиот мршојадец и во нивна реализација, покрај Македонското еколошко друштво, учествувале и: Научниот центар за зачувување на природата на Кралското друштво за заштита на птиците во Британија, Бугарското друштво за заштита на птиците, Грчкото орнитолошко друштво, Зелените Балкани, WWF Грција, Албанското орнитолошко друштво, Заштита и зачувување на природната средина во Албанија, Зоолошката градина од Прага и Европската асоцијација на Зоолошки градини и аквариуми.