Пред десет години, на една спонтана свирка во Мексико сити, во домот на Marina de Ita, која свири хармоника, се роди групата Polka Madre – по грешка.
„Не бевме професионални музичари. Не студиравме како другите кои излегоа од конзерваториуми, ние само сакавме да свириме, па направивме бенд. Тогаш го сретнавме Enrique, кларинетистот, кој настапуваше како уличен музичар. Тој порано свиреше повеќе џез и боса нова, но неговиот звук наликуваше на еврејските кларинетисти, па го повикавме во бендот“, раскажува de Ita.
Испадна дека Polka Madre го направи зачетокот на балканската музичка сцена во Мексико. De Ita вели дека ова има смисла, затоа што балканската музика има многу заеднички точки со мексиканската традиционална музика.
„Всушност, не ја знам историјата“, признава de Ita. „Не е дека сум истражувала. Но, ако ги слушнете нашите полка, нортењо, песни, понекогаш звучат исто како балканска музика. Затоа што кога слушаш полка и сите велат дека таа е од Мексико, но пријателот од Германија ми вели: о, па ова е од Минхен.“
Bruno Bartra, познат како диџеј Sultán Balkanero е фронтмен на уште еден балкански бенд, наречен La Internacional Sonora Balkanera. Тој вели дека балканската музичка сцена доживеала бум во Мексико откога Горан Бреговиќ, еден од најпознатите светски артисти во жанрот, настапил на голем фестивал во Мексико сити.
„Десет илјади луѓе го гледаа и беше лудило. Тој настапи заедно со мексикански оркестар од Оаксака, па оттогаш, ова е симбол на врската меѓу Балканот и Мексико сити“.
Bartra вели дека многу музичари кои се вклучиле во балканската музичка сцена дошле од други заедници, како ска-движењето, поврзано со запатистите или од „world music“-круговите, кое е поврзано со една мултикултурна идеја.
Денеска, има десетици бендови кои свират музика под влијание на Балканот, низ целата земја. Во последните три години, дури има и годишен Балкански музички фестивал во Мексико сити, каде настапуваат групи од Мексико, Соединетите држави, па и од Источна Европа. Досега, мексиканските балкански бендови не успеваат да се пробијат само на едно место – на самиот Балкан.