Сеопфатна регионална проценка на хидроморфолошките услови на реките низ Балканот открива забрзано и сериозно влошување на состојбата на последните недопрени водни текови во Европа. Според анализата, процентот на речиси природни реки се намалил од 30 проценти во 2012 година на само 23 проценти во 2025 година – загуба од 2.450 речни километри.
Се работи за извештајот „Хидроморфолошка состојба на балканските реки 2025“, нарачан од организациите Еуронатур и Ривервоч во рамки на кампањата „Спаси го синото срце на Европа“. Тој анализира состојба на 83.824 километри реки во 11 земји. Резултатите покажуваат раст на сериозно изменетите речни делници и континуирано намалување на речиси природните реки.
Реките во Албанија бележат најбрза деградација во регионот, пред сè поради интензивниот развој на хидроенергијата и насилната регулација на речните корита. Во Македонија, пак, освен малите делови што припаѓаат на сливовите на Дунав и Струма, речиси целата територија е поврзана со сливот на реката Вардар. Иако многу планински текови сè уште имаат релативно висока еколошка вредност, делови од речната мрежа се значително изменети, особено на реките Црна и Треска, каде се изградени големите акумулации Тиквеш и Козјак.
Од поголемите реки опфатени со анализата, само 23 проценти остануваат во речиси природна состојба, 43 проценти покажуваат мали модификации, 27 проценти се умерено до значително изменети, а седум проценти се сериозно деградирани – најчесто поради изградба на брани и други зафаќања.
„Поголемите реки се најмногу погодени поради изградба на брани, канализација на речните корита и нарушување на транспортот на седименти. Од 2012 година, зафатите со акумулации (задржување на речниот тек) се зголемени за 18 проценти. Помалите извори и планински потоци генерално се во подобра состојба, но притисоците врз нив се во пораст. Развојот на хидроенергетиката останува главниот двигател на деградацијата. Други значајни притисоци се зафаќањето на вода, експлоатацијата на седименти и изградбата на инфраструктура. Напорите за конзервација успешно имаат заштитено околу 900 речни километри, првенствено преку запирање на проекти за хидроелектрични брани“, се заклучоците од истражувањето.



