„Балкан синема сити“: Одржан третиот Форум за онлајн филмска дистрибуција во Битола

Дистрибуцијата на европскиот филм онлајн и придобивките од технологијата и дигиталните платформи во време на Ковид-19 беа теми во фокус на третиот Форум за онлајн дистрибуција што вчера се одржа во Битола.

Форумот за онлајн дистрибуција е инициран пред три години како можност за зголемување на свеста за потребата за домашни дистрибутери кои, во услови на недоволно развиена дистрибуција на независни европски и домашни филмови, би ги искористиле новите технолoгии за унапредување на дистрибуцијата на аудиовизуелните содржини.

На Форумот учествуваа претставници од повеќе филмски дистрибутерски и продуцентски компании, асоцијации, киносали и фестивали, истакнати филмски работници, и експерти од областа на технологијата кои дискутираа за глобалните трендови и движења во дистрибуцијата на филмови и меѓусебна соработка.

„Во денешното дигитално време онлајн дистрибуцијата станува доминантен модел на дистрибуција на аудиовизуелни содржини. И покрај глобалната доминација и растечка популарност на „Нетфликс“ и „Амазон“, како и фактот дека во нашата земја постои стриминг платформа која го опфаќа регионот на Југоисточна Европа посветена на европски филмови, спецификите на овој начин на дистрибуција сe’ уште непознати во нашата држава – не само за пошироката публика туку и за професионалците. Во рамките на вчерашниот ден беше дискутирана и можна идна соработка помеѓу 3Д Кино Битола и ВоД платформата „Cinesquare“, велат од организацијата.

Настанот „Форум за нови дистрибутивни модели – што е дигитална дистрибуција “ го организира регионалниот филмски фонд со седиште во Битола, „Балкан Синема Сити“ (БСС) со поддршка на Министерството за култура.