[Балкан Инсајт] Европски пари збогатија сомнителни младински организации

Начинот на кој што фондовите од програмата Млади во акција се дистрибуираат во Македонија не го засега Брисел.

Од: Зорана Гаџовска Спасовска и Кристина Озимец

Младински граѓански здруженија од Македонија, од кои некои се практично невидливи за јавноста, пет години примаа значајни средства од ЕУ фондовите. Повеќето немаат константна адреса, канцеларија или веб сајт, но сепак регуларно добиваат пари од Брисел и програмата Млади во Акција, објави Балкан Инсајт (Balkan Insight).

[Балкан Инсајт] Европски пари збогатија сомнителни младински организации

Иако постојано се изнесуваат сомневања дека при дистрибуцијата на европските грантови за младински проекти во Македонија на нефер начин биле фаворизирани роднини и пријатели, ниту европските ниту македонските институции целосно ги истражија ваквите наводи.

Во истражувањето на БИРН се фокусиравме на 11 македонски младински организации, бидејќи ова е просечниот број на организации кои добиваат грантови од Брисел при еден повик. Истрагата потврдува дека добитници на грантови од Брисел за младинската програма, кои се вредни илјадници евра, често пати биле роднини и пријатели на вработените во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Прашањата од БИРН до институциите околу резултатите за работата на овие организации, беа одбиени врз база на тоа дека овие информации биле тајни. Сумите кои се инволвирани не се воопшто мали. Во период од пет години, локалните здруженија примиле речиси 2 милиони евра од програмата Млади во акција. Повеќето од овие пари дошле директно од Брисел. Останатите биле дистрибуирани од Националната Агенција во Скопје.

Без позната адреса

БИРН се фокусираше на следниве организации: Јасна Иднина, Фонд за Интеррегионален развој, Младински креативен Центар, Квантум, Деница, Центар за рурален развој на Југоисточна Европа, Фонд за развој на млади, Совет за младински НВО, Волонтерски Центар, Македонски младински Прес, Младински форум – ОКО.

Тешко е да се лоцираат повеќето од нив. Околу две-третини од нив немаат веб-сајт или регистрирани канцеларии, или пак се регистрирани на приватна адреса.

На Интернет за Јасна Иднина, Советот на младински НВО, Македонски младински прес и Фондот за младински развој речиси и да нема било каква информација.

Сличен проблем се појавува доколку некој сака да ја најде централната адреса на овие организации.

На пример, Советот на младински НВО, кој имплементирал осум ЕУ проекти до 2011 година со вкупна вредност од 158.000 евра, навел различна адреса за секој од проектите.

Центарот за рурален развој пак, нема веб сајт, нема телефон за контакт и според Централниот регистар, нема јасна адреса. Наведената адреса е „населено место без уличен систем – Струга“.

Користејќи податоци од Централниот регистар, се обидовме да најдеме некои од овие здруженија и да разговараме за нивната формула за успех при добивање грантови од Брисел.

Започнавме во Струга, каде што треба да се наоѓаат некои од нив.

[Балкан Инсајт] Европски пари збогатија сомнителни младински организации

Мирис на скара, мала ќебапчилница и трошна куќа, ова беше сликата на која наидовме на адресата на која според Централниот регистар се наоѓаат Младински Форум Око и Фондот за интеррегионална соработка. Младински форум Око е една од најголемите добитници на средства од програмата Млади во акција. Организацијата во последниве години има добиено најмалку 330 илјади евра за 16 проекти.

И двете организации, ОКО и Фондот за интеррегионална соработка при основањето во Централниот регистар како нивно седиште ја навеле струшката адреса Маршал Тито ул. 86. Врата ни отвори повозрасна жена која ни раскажа дека преставниците на Око, повеќе од една година не го изнајмуваат нејзиното собче. Таа верува дека работат на друго место, но не знае каде, иако и нејзините деца биле активисти во организацијата.

„Отидени се тие уште пред година ипол, сега се сместени или кај селската автобуска или во близина на Пливалиште“, ни кажа бабичката.

Шетајќи низ Струга, дел од жителите не упатија кон селската автобуска станица, која се наоѓа во близина на една слаткарница.

Откако ги послушавме и се качивме во куќата над слаткарницата, наидовме на заклучена врата, на која стоеше натпис „Центар на невладини организации – Струга“ и фиксен телефонски број. Според податоците од Централен Регистар, здружение со такво име – не постои.

Разочарувањето од неуспешната потрага по дел од невладините во Струга, решивме да го заблажиме со струшка баклава и лимонада од слаткарницата која се наоѓа на влезот од зградата на центарот.

Слаткарот ни забележа, „џабе ги барате луѓето, тие не се во земјава, кога мачката ја нема, глувците играат оро, па никој не доаѓа во канцеларијата.“

„Шемседин не е овде, тој отиде за Авганистан. Овде горе е канцеларијата на невладината ама тие не се тука, во Шпанија и Италија се отидени“, рече тој.

Кога пак телефониравме на бројот кој беше залепен на вратата на Центарот, се јави машки глас кој ни кажа дека на тоа место нема таков центар. Откако му објаснивме дека сме го посетиле местото и бројот бил објавен на вратата, ни рече да се јавиме за пет минути. При повторното јавување на истиот број, успеавме да го добиеме Златко Шурдоски, претседателот на Младински Форум Око кој вели дека нивната организација постојано работи на проекти кои се позитивно оценети од Брисел.

„Она што јас можам да ви кажам е дека и моментално работиме на проекти и кога ќе ги испратиме тие (Брисел) ги оценуваат па ни се јавуваат“, вели Шурдоски за БИРН.

[Балкан Инсајт] Европски пари збогатија сомнителни младински организации

За Центарот на невладини организации – Струга вели дека е неформална група составена од Младински форум Око, Центар за рурален развој и Младински прес. За Фондот за интеррегионална соработка кој при основањето како нивно седиште ја навел нивната претходна адреса, вели дека нема информации и не знае ништо за оваа организација.

Збрката со адресите е евидентна и кај струшката организација Младински прес која при аплицирањето во Брисел за своите проекти навела три различни адреси.

Ниту скопските организации кои добиваат пари од европската програма Млади во акција не се подобри во видливоста и транспарентноста за работењето од оние во Струга.

Квантум, организација од Скопје која добила средства за најмалку четири проекти во вредност од речиси 70 илјади евра, на интернет е претставена само во едно соопштение од Агенцијата за млади и спорт.

Во него е наведено дека организацијата спровела една студиска посета на тема “Unemployed vs. employed tour” во рамките на програмата Млади во Акција.

Јасна Иднина е уште една организација чии активности за младите е тешко да се идентификуваат.

Името на ова здружение се јавува само во контекст на прес конференциите на опозициската СДСМ, каде тие тврдат дека огласите на кампањата против поранешниот лидер на оваа партија наслвена како „Отпор кон Црвенковски“ се наплатуваат преку невладината „Јасна иднина“.

Пријатели и роднини

Она што е алармирачки за доделувањето фондови на младински проекти во Македонија, настрана од тоа што се чини дека не постојат некои од добитниците на европски пари- се евидентните врски помеѓу невладините и вработените од Националната Агенција, која доделува дел од европските грантови.

Аплицирањето за европски проект подразбира сериозен административен ангажман и добро познавање на правилата и критериумите на Брисел. Но добивањето проект од Брисел и не мора да е толку тешко, ако некој во Националната агенција може да ви ги пласира вистинските информации за приоритетите, целите, критериумите за селекција и индикаторите за доделување грантови.

Игор Домазетовски, кој извесно време беше член Управниот одбор на Националната агенција бил овластен потписник на струшката НВО Младински прес.

Кога БИРН се јави да го праша „дали во времето додека тој бил дел од Агенцијата, неговата организација добила грантови“ телефонската линија се прекина. На повторниот обид за контакт, Домазетовски веќе не одговараше на телефонските повици.

Советот на младински НВО, основан од Катерина Станкоска, добил околу 158.000 евра за осум проекти до 2011. Невладината се затворила откако Станкоска била вработена во Националната агенција како раководител на Секторот за правно и хоризонтално работење.

Сепак, семејниот дом на Станкоска не бил користен само за регистрација на Советот на младински НВО туку и за Волонтерски Центар – Скопје во 2006, чиј основач, Никола Станкоски е нејзин брат. Виолета Станкоска, нивната сестра, исто така работела во Агенцијата до 2010 година.

Волонтерски Центар вкупно примил речиси половина милион евра од европските фондови, за 23 проекти.

Само во 2012 година примил средства за четири проекти како дел од програмата Млади во акција од централните фондови во Брисел, во вредност од 72.000 евра.

Оваа организација има мрежа од повеќе од 200 млади волонтери и е една од ретките младински организации кои ги контактиравме, која што редовно објавува информации за нејзините активности на нивниот веб сајт.

Сепак, постоењето на врските помеѓу основачите на невладините кои примиле средства од ЕУ фондовите и вработените во Националната агенција, неизбежно ги покреваат прашањата дали овие невладини при аплицирањето добиле информации со кои биле привилегирани во однос на добивањето грантови.

Никола Станкоски, основач на Волонтерски Центар, ни кажа дека една од неговите сестри се уште е вработена во Агенцијата, додека другата, Виолета, порано работела таму.

Сепак, тој тврди дека нема никаков конфликт на интерес при добивањето средства бидејќи тој аплицирал директно во Брисел за програмата Млади во акција и неговата сестра немала никакво влијание и не би можела да му даде никакви привилегирани информации.

„ Не може никој да се јави од Националната агенција за да ургира за некој проект во Македонија. Тоа е апсолутно невозможно“, вели тој.

„Ние такви привилегии не сме добиле до сега, ние и пред постоењето на оваа Агенција бевме корисници на грантови за млади од ЕУ“, додаде Станкоски.

[Балкан Инсајт] Европски пари збогатија сомнителни младински организации

Шемседин Илјази во 2010 во Централен регистар е заведен како овластено лице на организацијата Центар за рурален развој на ЈИЕ од с. Јабланица Струга. Оваа организација до 2011 година добила пет проекти од европските фондови во вредност од 92 илјади евра, а во 2012 доби 23.922 евра од Националната агенција.

Сестрата на Шемседин, Лулеса Илјази, работи во Националната агенција за европски програми и мобилност како раководителката на Секторот за стручно образование и обука.

Лулеса Илјази вели дека добивањето на фондови во октомври 2012 за оваа организација не е конфликт на интереси, бидејќи таа нема влијание врз тоа кој ќе добие грант зашто во Националната агенција е надлежна за спроведување на друга програма.

„Шемседин од први декември 2012 не е веќе претставник на организацијата“, кратко ни одговори Лулеса.

На прашањето за судир на интереси од Националната Агенција писмено ни одговорија дека сите проценители на проекти како и вработени во Агенцијата кои се вклучени во процесот на селекција и доделување на грантови од програмата Млади во акција потпишуваат изјава за судир на интереси и дека секое лице кое ќе се најде во таква ситуација се иззема од понатамошно постапување.

Тие велат дека Лулеса Илјази е вработена како раководител на сектор и е надлежна за програмите „Доживотно учење“ и „Леонардо да Винчи“. Таа не била евалуатор ниту член во Комисијата за селекција на проекти во програмата Млади во акција во 2012 и не била вклучена во ниту една фаза од процесот на селекција на проектите и доделување на грантови.

На прашањето дали роднинската поврзаност на овие луѓе е судир на интереси и како Националната агенција гарантира дека Катерина Станкоска на пример, нема дирекно влијание врз доделувањата на средствата од програмата Млади во Акција, добивме одговор дека организациите во изминативе пет години не се корисници на грантови од децентрализираните средства кои ги менаџира агенцијата.

Според извештајот објавен во април 2013 од Македонскиот Центар за европско образование кој се занимава со оваа тема, „постојните релации помеѓу некои од вработените во Националната Агенција со невладините организации – корисници на грантови, и натаму опстојуваат“.

Во извештајот исто така се вели дека невладините чии основачи се во роднински врски со вработените во Агенцијата, „ги става во надредена положба во однос на сите други невладини организации од Македонија значително намалувајќи ја можноста за натпревар во еднакви и фер услови“.

На следните линкови погледнете ја целата истражувачка сторија на македонски и на англиски јазик.