Бали ангажира 4.400 инфлуенсери за промовирање на новата ера на туризмот

Индонезискиот остров Бали ќе ангажира 4.400 инфлуенсери за да го оживее туризмот погоден од пандемијата на коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Инфлуенсерите ќе уживаат во бесплатните патувања околу Бали од октомври до ноември и своите искуства ќе ги објавуваат на социјалните мрежи како дел од кампањата „Го сакаме Бали“, се вели во соопштението од одделот за туризам на островот.

„Ковид-19 нанесе сериозен удар врз економијата на Бали, врз социјалниот и здравствениот сектор, но и туризмот“, велат оттаму, додавајќи дека околу 75.000 туристички работници останале без работа.

Целта на кампањата е да се промовира „новата ера на туризмот“ во која посетителите мора да се придржуваат до здравствените препораки за носење маски, социјално дистанцирање и редовно миење на рацете, се вели во соопштението.

Островот беше отворен за туристи од другите делови на Индонезија на крајот на јули, а планот за отворање за странците на 11 септември не успеа поради порастот на бројот на новозаразени со коронавирусот.