Балетски триптих „Молитви на моето тело“ вечерва на Танц фест Скопје

Вечерва (23 април), со почеток во 20 часот во Националната опера и балет во рамки на Јубилејното 20-то издание на фестивалот Танц Фест Скопје 2024, ќе се изведе балетскиот триптих “Молитви на моето тело”, кој е инспириран од циклусот поезија со истоимен наслов од поетот Ацо Шопов.

„Поезијата на Шопов ќе биде ‘прочитана’ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници. Во формат на триптих, балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно ‘сплотување’ на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет“, велат од НОБ.

Идејата за проектот и за костимите е на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски.

Ќе настапи Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на Сашо Татарчевски, сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ и мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков, стиховите ги чита Никола Ристановски.