Балетската претстава „Оревокршачка“ овој викенд во МОБ

Во сабота и во недела (16 и 17 јануари), со почеток во 12 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведена популарната балетска претстава „Оревокршачка“.

Се работи за детска бајка чиј автор Т.А.Хофман, дејствието го поврзал со празнувањето на Нова година. Врз основа на бајката, Мариус Петипа го пишува либретото, а музиката ја компонирала Петар Илич Чајковски. Се работи за едно од најпопуларните и најизведувани дела, на сите светски сцени, по повод Новогодишните и Божикни празници.

Кореограф е гостинот од Русија, Василиј Иванович Ваинонен, сценограф Анатолиј Нежњи, исто така од Русија, додека костимите се на Љупка Ристовска. Во главните улоги ќе настапат Мими Поп Алексова-Атанасовска (на 16.01.), Ивана Коцевска (17.01.), а нивни партнер ќе биде Дојчин Дочев од Бугарија. Настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.

Цената на билетите изнесува 150 денари и можат да се купат на билетарницата на МОБ.