Бајколиката музичка приказна на Лиза Жерар и The Mystery Of The Bulgarian Voices утре во Филхармонија

Утревечер од 20 часот во Филхармонија ќе се одржи концертот на маестралната Лиза Жерар и нејзиниот последен проект со женскиот хор од соседна Бугарија, добитничките на престижната Греми награда – The Mystery Of The Bulgarian Voices.

Инаку, по потекло од ирски емигранти, Жерар е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 70-те во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кој во 1981 го создаваат уникатниот проект „Дед кен денс“, кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.

„Дед кен денс“ се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокали, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Жерар и Пери својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење. Нивната музика може да ве потсетува на сѐ претходно доживеано и чуено, но и на ништо, да ви биде комплетно нова и свежа“, стои во описот за настанот.

Во професионалната биографија на Жерар се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но и како изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханс Цимер беа наградени со „Златен глобус“.

Женскиот хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век, го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Светот за прв пат слушна за овој хор на крајот на 80-те години на минатиот век, кога хорот го издава својот истоимен албум „Le Mystère des Voix Bulgares”, кој се продава во огромен тираж и хорот ги освојува светските сцени со своето мистично акапела пеење. Нивниот втор албум “BooCheeMish”, се појавува по речиси две декади и на него тие соработуваат со Жерар, со која иако потекнуваат од различни култури, создаваат една природна бајколика симбиоза.

Билети може да се купат од билетарницата на МКЦ и на bileti.mkc.mk.