БАФТА 2019: „Рома“ најдобар филм, „Фаворитката“ со најмногу награди

„Фаворитката“ доминираше на наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА), со победа во седум од дванаесетте категории во кои филмот беше номиниран.

Филмот „Рома“ на режисерот Алфонсо Куарон ја доби наградата за најдобар филм, најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и најдобар режисер.

„Фаворитката“, покрај наградата за најдобар британски филм, доби награда и за најдобра актерка (Оливиа Колман), најдобра актерка во споредна улога (Рејчел Вајс), оригинално сценарио, костимографија, шминка и продукциски дизајн.

БАФТА за најдобар актер доби Реми Малек, за неговата улога на Фреди Меркјури во „Боемска Рапсодија“, а за најдобра машка споредна улога беше награден Махершала Али за филмот „Зелена книга“.

Летиција Рајт, од филмот „Црниот Пантер“ е прогласена за ѕвезда во подем од страна на публиката, „Заменик претседател“ доби награда за најдобра монтажа, најдобар документарец е „Слободно искачување“, а за најдобро адаптирано сценарио беше прогласен „BlacKkKlansman“.

„Ѕвездата е родена“ победи во категоријата на оригинална музика, „Боемска Рапсодија“ во категоријата за звук, а „Спајдермен“ победи во категоријата на анимирани филмови.

Целата листа на победници можете да ја погледнете ОВДЕ.