Азиските и африканските градови стануваат поскапи за странците – Скопје на 202 место, според „Мерсер“

Шест азиски градови се меѓу првите 10 најскапи града за странци, покажа годинешната анкета на американската консултантска фирма „Мерсер“. Хонг Конг ја предводи листата како најскап град во светот веќе втора година, главно заради високите цени на домувањето.

Истражувањето ги мери трошоците за 200 артикли во 209 градови. Овие предмети вклучуваат домување, транспорт, храна, облека, предмети за домаќинството и забава.

Вториот најскап град е Ашгабат, главниот град на Туркменистан, кој доживува хиперинфлација и високи трошоци за увоз на стоки и суровини. Трет на листата е јапонскиот главен град Токио.

Сингапур и Њујорк се најдоа на петтото и шестото место. Трите швајцарски градови, Цирих, Берн и Женева се рангирани на четвртото, осмото и деветтото место. Кинеските Шангај и Пекинг се најдоа како седми и 10-ти најскапи градови.

Истражувањето покажа дека најскапиот град во Африка бил Нџамена (15) во Чад, едно место пред Сан Франциско. Главниот град на Нигерија, Лагос, се најде на 17-то место, само едно место пред британскиот главен град Лондон.

Тел Авив е најскапиот град на Блискиот исток, на 12 место, а потоа следува и Дубаи на 23 место. Според истражувањето, најевтини градови за живот биле Тунис и Виндхок.

Скопје бележи пад од едно место и останува најевтин главен град во регионов. Годинава на листата се најде на 202 место. Атина се најде на 138 место, по што следуваат Загреб на 152, Тирана на 163, Софија на 180, па Белград на 183 и најблизок со нашиот главен град е босанскиот, Сараево, на 197 место на ранг листата.

Оваа листа е дизајнирана за да им помогне на компаниите да утврдат колку треба да им плаќаат на своите вработени во странство. Овогодишната ранг-листа го покажува трендот дека азиските и африканските градови стануваат поскапи за странците.