„Азиланти“ на Лидија Димковска дел од „Берлин чита“

Песната „Азиланти“ на македонската писателка Лидија Димковска, во препев на германски и англиски јазик, ќе биде прочитана на пет локации низ Берлин. Читањето е дел од целодневната манифестација „Берлин чита“, која се организира пред почетокот на меѓународниот книжевен фестивал во Берлин што ќе трае од 9 до 19 овој месец.

На „Берлин чита“ ќе се претстават преку 50 прозни и поетски дела поврзани со бегалската и азилантската криза.

Поезијата на Димковска во препев на Александер Сицман (германски) и на Љубица Арсовска и Пеги Рид (англиски), ќе биде прочитана пред Народниот театар на плоштадот Роза Луксембург заедно со дела од Брехт, Амос Оз и Драго Јанчар, како и пред подземната железница на плоштадот „Ернст Ројтер“, на „Плоштадот на мирот“, на „Зимскиот плоштад“ и во Европската гимназија „Берта фон Сутнер“.

Ова ќе биде петнаесетто издание на овој книжевен перформанс „Берлин чита!“.