Азијците во ЕУ се сѐ почеста мета на расистички напади поради пандемијата

Во услови на криза поради пандемијата на новиот коронавирус, во Европската унија се забележуваат се повеќе случаи на расистички напади врз луѓе за кои се смета дека се од кинеско или азиско потекло, предупредува Агенцијата за фундаментални права на Европската унија (ФРА), пишува „Н1“.

Во извештајот на агенцијата кој е објавен денеска се укажува на области во кои мерките на владите насочени во борбата против ширењето на Ковид-19 би можеле да имаат „големи последици“ врз основните права. Особено загрижува порастот на расистички напади врз луѓе за кои се верува дека се со кинеско или азиско потекло, се наведува во извештајот.

„Пандемијата на Ковид-19 предизвика пораст на расистичките и ксенофобични инциденти против луѓето за кои се смета дека се од кинеско или азиско потекло, вклучително и навреди, вознемирување, физичка агресија и ‘онлајн’ говор на омраза“, стои во извештајот и се предупредува дека тие луѓе во Европа се соочуваат со дискриминација и во пристапот до здравствените услуги.

Покрај тоа, се наведува и тоа дека некои политичари и јавни личности во голем број земји членки на ЕУ користат „понижувачки и ксенофобичен јазик кога зборуваат за луѓе со кинеско и азиско потекло“.

Извештајот укажува и на низа грешки од страна на политичарите од ЕУ, вклучувајќи го тука и унгарскиот премиер Виктор Орбан кој ја поврзува кризата со пандемијата со илегалната миграција.

Исто така, се наведува и примерот на лидерот на партијата „Народна партија – наша Словачка“ Мариан Котлеба, кој изјави дека „поради отворените граници во ЕУ… бројни мигранти минуваат ширум Европа без никаква контрола, а тие луѓе го донесоа коронавирусот во Европа“.