Азија „се дави“ во електронски отпад

Во изминатите 10 години, технолошкиот бум и порастот на количини и видови на нова технологија, придонеле во Азија да се фрла 63 проценти повеќе електронски отпад.

Како за пример, во продажба беа пуштени 12 серии на Ајфони. Кога старата серија телефони е повлечена од продавниците, или пак корисниците преминуваат на нов телефон, сиот електронски отпад завршува во Азија.

Електронски отпад може да биде сé: од делови за компјутери, Ајфони, кабли, играчки и секакви електронски апарати. Во периодот од 2010 до 2015 година, количините на фрлен електронски отпад биле најголеми во историјата.

Авторот на студија за електронски отпад изработена од Универзитетот на Обединетите Нации, Рудигер Куер, вели:

„Сé повеќе и повеќе уреди и играчки доаѓаат или со кабел или со батерија, а сето тоа придонесува кон зголемувањето на е-отпадот“.

Истражувањето опфатило 12 држави во Азија, а вели дека порастот на е-отпадот се случува поради многу поголемиот број на електронски производи, но и поради порастот на средната класа во овој дел од светот.

Освен тоа, огромна количина на е-отпад се увезува во Азија за да биде фрлена во сиромашните и неразвиени земји.

Според New Scientist, и покрај тоа што Азија произведува најмногу е-отпад како континент, Европа и САД произведуваат најмногу ѓубре по глава на жител.

Куер го објаснува проблемот на е-отпадот, дури и кога производите се направени од материјали кои се рециклираат.

„Од технолошки аспект, може да рециклирате 99 проценти од електронскиот отпад, но не е економично. Треба да создадеме нови правила кои ќе охрабруваат циркуларна економија“, објаснува.