Авторска вечер со Теофил Панчиќ во четврток во Скопје

Авторска вечер насловена „Ангажманот помеѓу Балканот и ЕУ“ со Теофил Панчиќ, култен колумнист и критичар на белградскиот неделник Време и коментатор на радиото Слободна Европа, како и на редица други медиуми во регионот, ќе се одржи овој четврток (19 март) во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Домаќин на авторската вечер ќе биде Роберт Алаѓозовски и тој ќе го претстави авторскиот опус на Теофил Панчиќ и ќе го модерира разговорот со присутните. Акцентот ќе биде ставен на неговите последни две книги, збирката есеи за Хрватското радио „Гостин од галаксијата“ и дневничката проза „39 дена на јуни“, напишана по неговиот резиденцијален престој во Сплит во јуни 2014 година. Освен увидот во неговиот интелектуален ангажман, фокусиран главно на земјите од регионот, дискусијата ќе се развие и од аспект на европските перспективи на балканските земји. Теофил Панчиќ ќе биде предизвикан да се осврне, во клучот на неговиот добро познат стил, и на македонските работи, споделувајќи ги своите импресии од резиденцијалниот престој во Скопје.

Теофил Панчиќ е роден токму во Скопје во 1965 година, но најголемиот дел од животот го минува во Загреб, а потоа и во Белград и Нови Сад, како новинар, критичар и писател. Во Скопје, освен на кратко, на настан организиран од ЕУ Инфо Центарот, пред две години, не бил уште од дете. Очекува овој престој повторно да му ги продлабочи врските со родниот град и неговата интелектуална средина.

Панчиќ е автор на дваесетина книги есеи, колумни, книжевни критики и други жанрови од кои најпознати се „Урбани бушмани“, „Животот и смртта во српскиот посткомунизам“ (трилогија), „Карма кома“, „Пепел без бавча“. Нема релевантно списание на бившите југословенски простори за кое не пишувал: Ферал Трибјун, Глобус, Јутарњи лист, Монитор, Република и други. Бил член на неколку жири-комисии за доделување награди, а и самиот е добитник на наградите „Југ Гризељ“, „Душан Богавац“ и „Витез позива“.