Автомат за бездомни луѓе поставен во Нотингем

Автомат кој ги содржи најосновните работи што им се потребни на бездомниците е поставен во Нотингем.

Машината беше поставена вчера во трговскиот центар Инту во Броадмарш. Од неа може да се земе вода, свежо овошје, енергетски колачиња, чипс, чоколада и сендвичи, како и чорапи, санитарни пешкири, антибактериски лосиони, пасти и четки за заби и книги.

Голем дел од свежата храна доаѓа од организации за редистрибуција кои сакаат да го намалат отпадот од храна, додека останатите работи се купуваат со донации.

Употребата на машината е исклучиво за оние на кои им е потребна, а работите можат да се користат само со посебна картичка, која партнерските организации на невладината што го организира ова „Action Hunger“ им ги доделуваат на корисниците. Во Нотингем, картичките се издаваат во центарот за бездомници.

Картичките се програмирани за да дозволат до три производи да се издаваат дневно. Лимитот има за цел да ја прекине „зависноста” од машините, велат од добротворната организација.

„Ние сакаме нашето нискобуџетно решение да ги надополни другите услуги што се достапни, како ангажманот со професионалци и локалните служби за поддршка, со цел да биде инструмент за прекршување на циклусот на бездомништво”, додаваат.

Машината е замисла на 29-годишниот Хузаифа Калед од Нотингем, кој го разви проектот додека подготвувал докторат по право.

Тој ја убеди една од најголемите компании за автомат во светот, N & W Global Vending, за да му дадат машина од 10 000 фунти бесплатно, и се поврза со центарот за бездомници.

Сепак, Калед е критикуван за поттикнување на уличен животен стил така што им олеснува на луѓето да спијат на улица, наместо да бараат засолниште и помош во хостел, каде што можат да добијат здравствена нега и совети. Но, тој инсистира дека спротивното е точно.

„Ние не можевме да ставиме ограничување на тоа колку работи може да ги примат луѓето, ако не изградевме систем на проверки. Сите наши корисници во Нотингем мора да се пријават во центарот еднаш неделно за им се продлжат картичките”, рече тој.

Машините се обновуваат дневно од страна на тим од волонтери. На крајот ќе бидат издадени 100 картички во градот, рече Калед.

Тој се надева дека ќе се прошири низ целата земја што е можно побрзо, ако успее да го зголеми капиталот. Невладината организација треба да има 25-30 машини што ќе се користат до крајот на 2018 година, додаде тој.

Програмата ќе се одвива и низ САД следната година, со две машини инсталирани во Њујорк во февруари и Лос Анџелес, а потоа и во Сан Франциско и Сиетл.

Калед рече дека разговарал со Network Rail за да инсталира машини на железничките станици, за кои тој рече дека би можеле да бидат „идеално решение”, бидејќи повеќето имале долги работни часови и биле безбедни и добро осветлени.

Откако се проширила веста за автоматот, тој им се обрати на луѓето ширум светот кои сакаат да инсталираат машина и во нивниот град, велејќи: “Имав пораки од луѓе во Грција, Шпанија, Австралија и Кина, сите што сакаа да знаат повеќе”.

Сега тој треба да најде некој што ќе ја води хуманитарната организација и да ги собере парите што се неопходни за глобалното ширење, бидејќи од февруару ќе започне работа со целосно работно време.