Австријката Мави Феникс на 10 мај во МКЦ

Првиот најавен концерт од споредната програма за 21-вото издание на „Таксират“ пристигнува во соработка со Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

На 10 мај доаѓа Мави Феникс (Mavi Phoenix), лоу-фај поп пејачка од Австрија која ќе одржи самостоен концерто во Младинскиот културен центар.

Својата музичка кариера ја почнува со пеење, рапување и продукција на само единаесет години и уште од тоа време развива свој уникатен стил на музичка продукција. Нејзината музика го има привлечено вниманието на неколку светски познати брендови или стручници во музиката (како i-D, Nylon, The Line of BestFit, The Fader и COLORS), кои веќе ја имаат повикано да одржи перформанс за нив. Изминатото лето, Феникс настапуваше на неколку европски фестивали, меѓу кои и на Primavera Sound Festival, на бината курирана од музичкиот магазин Pitchfork.

Има објавено три ЕП изданија и поголем број синглови, а во родната Австрија има седум номинации за реномираните национални награди Амадеус и ФМ4. Меѓу номинациите кои ги добила на наградите во 2017 и 2018 година, се и: Артист на годината, Алтернативен музичар на годината, Автор на годината и Најдобро студиско издание. Со песните како „Aventura“, „Yellow“ и „Love Longtime“ стекна повеќе од милиони прегледи на „ЈуТјуб“.

Себеси се смета за феминистка и активистка против сексизмот во сите аспекти на животот.

„Секој ден поминувам часови мислејќи на феминизмот и сексизмот. Често разговарам приватно за тие проблеми и сакам да знам зошто нештата се такви какви што се. Можам да ги склопам нештата и ме фрустрира тоа. Во нашиот бизнис, но не само таму туку насекаде… Секако дека сум феминист, бидејќи не се трудам да бидам традиционална жена, туку сакам да бидам тоа што сум. За многу луѓе, политички гледано тоа е една иста работа“, вели 24-годишната пејачка за австрискиот магазин Music Export.

Годинешното, седмо издание на „Прво па женско“ ќе се одржи од 9-ти до 12-ти мај во МКЦ, со тематски фокус на телото: Ова тело кое не е едно. Програмата низ филм, театар, музика, дискурзивна програма ќе опфати повеќе аспекти од третманот, сликата, идентификувањето и восприемањето на телата, без разлика дали тоа подразбира релација во која е воспоставена институционалната моќ, влијанието од акутните социо-културни динамики или, пак, индивидуалното доживување на себеси.

Билетите за концертот се веќе достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс (http://bit.ly/2vhGwwV) по 250 денари во претпродажба, додека на денот на концертот билетот ќе чини 350 денари.