Австрија забрани шамии во основните училишта

Пратениците во Австрија го изгласаа законот со кој се забрануваат шамии во основните училишта, предложен од владејачката десничарска влада, јавува „Гардијан“.

Законскиот текст се однесува на „секое парче облека под идеолошко или религиско влијание кое е поврзано со покривање на главата“.

Претставниците на владејачката коалиција, „Партија на луѓето“ (ОВП) и екстремно-десничарската партија „Партија на слободата“ (ФПО), појаснија дека покрај широкиот опис на законот, истиот е насочен кон муслиманските шамии.

Портпаролката на ФПО, Венделин Молцер изјави дека законот е „сигнал против политичкиот ислам“, додека пратеникот Рудолф Ташнер изјави дека е мерка потребна за да ги ослободи девојките од покорување.

Од владата појаснија дека „капата“ која ја носат момчињата верници (Сикизам – монотеистичка религија) и еврејската традиционална капа „јармулка“ не се опфатени од законот. Организацијата на муслиманската заедница (ИГГО) ги осудија предлозите како „бесрамни“ и како „директен напад врз религиската слобода на австриските муслимани“. Тие најавија дека ќе се обидат да го оспорат законот пред Уставниот суд на Австрија.

Ирмгард Грис од либералната партија „Неос“ изјави дека забраната ќе предизвика повеќе штета, со тоа што девојките од училиштата низ државата ја преземаат одговорноста за репресивните политики на авторитарните режими во Иран и Саудиска Арабија.

На крајот на 2017 година, партиите ОВП и ФПО формираа коалиција веднаш после изборите и заземаа цврст анти-емигрантски став и предупредија на опасноста од „паралелно општество“. Автрискиот канцелар, Себастијан Курц, во април 2018 година изјави: „Покривањето на главите на малите деца не е нешто за кое треба да постои простор во нашата држава“.

Даниел Келман, австро-германски писател, во еден од неговите говори го осуди лидерството на Курц.

„Сакам да го запрашам нашиот тивок канцелар, дали е свесен дека во учебниците по историја, во иднината, ќе биде запаметен како човекот кој овозможи партија на крајно-десничарски екстремисти да го нарушат надворешниот изглед и внатрешната кохезија на оваа држава, до таа мера што наскоро нема да има можност да се поправи тоа“.