Австрија најави планови за воведување забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 14 години, приклучувајќи се на сè поголемиот број европски држави кои размислуваат за ограничување на пристапот на младите до онлајн платформи.
Како што пренесува BBC News, мерката е резултат на долги преговори во рамки на тричлената коалициска влада, но сè уште не е прецизирано кога и како ќе биде имплементирана.
Вицеканцеларот Андреас Баблер изјави дека владата не може да остане пасивна додека социјалните мрежи ги прават децата „зависни и често болни“. Тој нагласи дека е обврска на политичарите да ги заштитат младите, споредувајќи ја потребата од регулација со онаа за алкохол и тутун.
Според планот, децата под 14 години ќе бидат заштитени од алгоритми кои создаваат зависност, а властите размислуваат за воведување систем за верификација на возраста при користење на платформите.
Австрија не е единствена во ваквите иницијативи. Австралија веќе воведе забрана за социјални мрежи за лица под 16 години, додека Франција одобри слична мерка за деца под 15 години. Дополнително, Обединетото Кралство, Данска, Грција, Шпанија и Ирска, разгледуваат слични ограничувања.
Предлог-законот се очекува да биде претставен до крајот на јуни и ќе вклучува конкретни технички решенија за спроведување на забраната.
Извор: BBC News



