Австрија отвора илјадници продавници кои беа затворени поради коронавирусот

Илјадници продавници повторно се отвораат во Австрија како одговор на барањето за олеснување на наметнатите ограничувања за да се спречи ширењето на новиот коронавирус КОВИД 19.

Отворени ќе бидат градинарските центри, продавници со алати и малите продавнички, како дел од планот за постепено покренување на економијата, пренесува ББЦ.

Правилата за строга социјална дистанца во оваа земја сè уште се на сила, додека на луѓето им се советува да останат дома колку што е можно повеќе.

Австрија воведе и обврска за задолжително носење маски во супермаркетите и аптеките.

Австрија во моментов бележи бројка од 14 119 заразени од Ковид 19, од кои повеќе од половина се целосно излечени, како и 384 смртни случаи.

Повеќе европски земји исто така почнаа со олеснување на наметнатите ограничувања заради пандемијата.