Австралиски претприемач сака да претвори стари автобуси во засолништа за бездомници

Сајмон Роу, 43-годишен претприемач од Мелбурн, сака да помогне во решавање на проблемот со бездомништвото во Австралија, така што, старите автобуси ќе ги претвори во засолниште за бездомниците.

„Во мојата работа, јас решавам проблеми и мојот стил е да ги поедноставувам работите“, вели Роу.

Целта на проектот не е да ги нахрани и облече луѓето, појасни тој, туку се фокусира на тоа да им обезбеди место каде добро ќе го поминат остатокот од ноќта. Пробниот период ќе почне кон крајот на мај, кога стари автобуси ќе станат мобилни засолништа за бездомници.

Секој автобус ќе може да обезбеди 22 места за спиење, со шкафчиња, УСБ полначи и два тоалети.

„На бизнисите не им се допаѓаат засолништата за бездомници од малтер и тули. Тие не сакаат овие луѓе да им се шетаат по улиците, во близина на нивните бизниси. Јас не се согласувам со тоа, но тоа е до менталитетот“, вели Роу.

Проектот со автобусите претставува мобилна маркетинг стратегија што ќе му помогне на Роу да привлече бизнисмени и корпорации да помогнат. Автобусите се поевтини и полесни за изградба, кој би чинеле околу 50 000 австралиски долари.

Проблемот со бездомништвото во Австралија е во пораст, смета Роу. Според пописот од 2011 година, 6314 луѓе спиеле на улица, а многумина очекуваат таа бројка да се зголеми за време на пописот, најавен за оваа година.

Критичарите, пак, сметаат дека засолништата само ќе придонесат да се релативизира прашањето за бездомништвото. Иако, Роу вели дека со тоа што ќе им се обезбеди сместување за една ноќ на овие луѓе, со чувар во секој автобус, е многу побезбедна опција, отколку да бидат на улиците.

Идејата за овој проект, Роу ја добил откако минатата година случајно зборувал со лице кое спиело на улица во Мелбурн. Воедно, се потсетил на период од неговиот живот, кога и тој бил бездомник, бил принуден четири месеци да спие во својот автомобил додека не изнајми стан.

Кампањата веќе се рашири на социјалните мрежи, луѓе собираат пари, се пријавуваат волонтери и голем број луѓе од цел свет се интересираат. Овој претприемач смета дека за почеток ќе бидат доволни 300 автобуси, амбиција што тој се надева дека ќе ја постигне во наредните шест години.